Дванаесет години затвор за возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачкиот премин на булеварот „Партизанска“ во јануари годинава, поминувајќи на црвено светло, пресуди Основниот кривичен суд во Скопје.
Јованов доби и забрана за управување со моторно возило.
Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.
Тодор Кулаков, таткото на Фросина, ја напушти судницата револтиран од висината на казната – рече „судот е мафија!“, додека мајката и сестрата на загинатата Фросина, останаа во судницата да ја слушнат пресудата.
Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.