Различно беше прифатена пресудата од 12 години затвор за Васил Јованов кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова. Таткото на загинатата девојка доби излив на бес, фрлаше клетви, пцости и закани кон судијката Снежана Марковска, која заедно со судечкиот совет ја донесоа одлуката во името на граѓаните. Револтирани од висината на казната Кулакови, за утре во 17 часот, најавија протести пред Универзална сала, на пешачкиот каде што беше усмртена Фросина. Обвинителот Александар Марковски, кој во обвинението го гонеше возачот за кривично дело сторено со умисла, задоволен од пресудата рече дека била прва во историјата според висината на затворската казна
Тензично беше во Основниот кривичен суд откако судијката Снежана Марковска ја прочита пресудата од 12 години затвор за возачот Васил Јованов, кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова на 29 јануари годинава. Додека судијката ја соопштуваше одлуката, таткото, мајката и сестрата Кулакови се прегрнаа, очекувајќи максимална казна која според законот е 20 години.
„Го прогласувам обвинетиот за виновен, бидејќи возејќи на десна лента од исток кон запад, со алкохол во крвта 0,80 промили, без возачка дозвола и со брзина над дозволената од 91 км на час, со предниот лев дел од автомобилот удрил во Фросина, која поминувала на пешачки. Од силината на ударот се издигнала во воздух и удрила во семафорот меѓу двете ленти, од ударот добила скршеници по целото тело и распрскување на внатрешните органи, по што на лице место починала. Судот му одредува 12 години казна затвор и забрана за возење од пет години“, пресуди Кривичниот суд
Револтиран од тоа што слушнаа, таткото на загинатото девојче Тодор Кулаков тргна да излегува од судницата, додека судијката сè уште ја читаше пресудата во делот за надоместување на штета од страна на обвинетиот. „Судот е мафија“! Се поврати таткото Тодор Кулаков, извикувајќи кон судечкиот совет, во очигледниот наплив на бес. Судската полиција го смируваше родителот и тој тргна кон излезната врата, продолжувајќи со коментарите за судиите. „Вие сте судска багра, побрутално убиство судот не познава од убиството на Фросинче, вие треба да одите во затвор, таткото излезе од судницата и продолжи надвор, во судскиот ходник. „Затоа мајката и таткото седеа лабаво, ја знаеја пресудата“, викаше огорчениот Кулаков. Внатре, пак, еден од роднините на Кулакови му се заврте на обвинетиот Васил Јованов со зборовите „Ќе те чекам да излезеш“, а полицијата го испрати надвор од судницата. Судијката Марковска даде куса пауза заради одлучување по мерката притвор за обвинетиот. Тензијата се префрли во ходникот, семејството го смируваше револтираниот родител кој не можеше да ја прифати затворската казна. Семејството на Јованов, пак, остана внатре на местата означени за новинарите. По паузата повторно сите влегоа внатре.
„Секоја ти чест“ ѝ викна Тодор Кулаков на судијката Марковска, која соопшти дека Јованов останува во притвор. Судската полиција за цело време го следеше движењето на Кулаков, кој на излегување од судницата им се обрати на родителите на Васил Јованов „Господ ќе ве казни. Насмеани се, знаеја пред да се каже пресудата. Мајката на Јованов му возврати „Што зборуваш будала еден“, а сопругот Зоран ѝ велеше да не возвраќа повеќе. Во друга постапка, таткото на Васил е обвинет дека свесно му дозволувал да го вози автомобилот, иако немал возачка дозвола и имал неколку сообраќајни прекршоци. Него допрва треба да му се суди.
Надвор од судницата, обвинителот Марковски, кој ја водеше истрагата за сообраќајката, рече дека денешниот ден за Обвинителството е голема победа затоа што беше изречена казна затвор којашто во историјата на овој суд, за ова кривично дело, и кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, мислејќи на висината од 12 години казна затвор. Сепак обвинителот, кој изјавата за медиумите ја даваше стоејќи до таткото на Фросина, рече дека Обвинителството го задржува правото на жалба да бара и повисока затворска казна. По него Тодор Кулаков, кој малку се потсмири, рече дека не се согласува со обвинителот и обвини за уништување на снимка која била направена од совозачот на Васил Јованов, додека се возеле кобната вечер, а ја избришале веднаш по несреќата.
„Никој не обрати внимание на мноштво од сведоците кои беа прикривани и должни да одговараат пред законот за уништување клучни докази, како совозачот Лорен, кој додека се возеле снимал целосна снимка и потоа таа снимка ја брише, а од која многу други работи ќе беа откриени… Така казната ќе беше многу поголема, но и за другите тројца во автомобилот. Каде се тие сега, каде се. Овој систем ги сокри нив. Системот треба да одговара за соучесништво во прикривање на убиство. Животот одамна е докажано дека нема вредност токму според законите на оваа недржава. Затоа оваа пресуда е таква каква што е, срамна и тажна за целото општество“, кажа Кулаков и најави протести на местото каде што загина неговата ќерка, од пред Универзалната сала.
„Следните протести ќе треба со црвени раце да го излепиме цел суд, судиите кога ќе излегуваат од судница ќе ги чекаме со црвени, крвави раце да ги излепиме. Само така може да се свести ова судство кое, немам друг збор, ги штити мафијашите“, рече Кулаков.
Адвокатот на Јованов пред медиумите изјави дека ќе ја обжали висината на затворската казна пред Апелациониот суд. Освен 12-годишната казна затвор, Васил Јованов треба да ја одлежи и таа од 3 години за трговија со дрога, која судот при одмерување на висината ја вброи во отежителните околности.
„Казна која наместо да го одврати од лошото поведение, тој продолжил со таквото однесување. Дрско и безобѕирно, седнал зад воланот под дејство на алкохол, со брзина од 91 километар на час, поминувајќи на црвено, со умисла дека таквото возење ќе предизвика последици, ја прегазил младата Фросина, чија загуба најмногу ја чувствува нејзиното семејството, а кај граѓаните предизвика чувство на вознемиреност и загриженост од сообраќајот“, кажа во објаснувањето на пресудата судијката. (П.А.)