Импозантниот мост со 22 столба и висина до 41 метар е во завршна фаза и претставува еден од најголемите инфраструктурни објекти во државата. На терен активно се работи на 11 од вкупно 31 километар од делницата Гостивар – Букојчани, со напредок од околу 59 %. Околу 90 % од експропријацијата е завршена и досега се исплатени приближно 470 милиони евра. Властите уверуваат дека динамиката е силна и дека автопатот ќе биде пуштен во употреба до крајот на 2029 година, со што времето на патување кон Охрид ќе се намали речиси за двојно
Еден од највпечатливите објекти на трасата на автопатот во изградба Гостивар – Букојчани е вијадуктот долг 386 метри, со 22 столба, од кои највисокиот достигнува висина од околу 41 метар. Мостот е во завршна фаза и претставува еден од најголемите инфраструктурни објекти од ваков тип во државава, вистинско градежно ремек-дело на инженерите на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Со ширина од 24,52 метри, секој од двата коловози располага со по две ленти од 3,5 метри и со лента за запирање од 2,75 метри, раздвоени со безбедносен простор и бариери наречени „Њу Џерси“. Импозантната конструкција, која се издига над долината и над постојниот канал за наводнување, е симбол на техничката сложеност и на амбициозноста на проектот за изградба на автопатот Гостивар – Кичево, дел од Коридорот 8.
По увидот на делницата Гостивар – Букојчани, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека автопатот ќе биде завршен во рокот, односно до крајот на 2029 година, нагласувајќи дека Владата е целосно посветена на реализацијата на вакви капитални проекти.
– Оваа Влада е целосно посветена на изградбата на ваков тип инфраструктура бидејќи треба да се искористи поврзувањето, а и самата географска местоположба на државата, како предност. Да се биде раскрсница во регионот е стратешка предност – изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека со изградбата на коридорите се подобрува економската перспектива, но и безбедноста во рамките на НАТО- алијансата.
– Ние сме дел од НАТО-алијансата и на овој начин, со реализацијата на овие коридори, се подобруваат отпорноста и безбедноста во регионот, но и на јужното крило на Алијансата – нагласи премиерот, потенцирајќи го ангажманот во процесот на Министерството за транспорт, Министерството за финансии, Управата за имотноправни работи и на сите институции.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, посочи дека е силна динамиката на работа и дека државата ги исполнила своите обврски.
– Околу 90 проценти од експропријацијата е завршена. Досега се исплатени околу 470 милиони евра, што за буџет како македонскиот е огромна сума. Тоа овозможува навремена реализација на проектот и нема отстапување од рокот: до крајот на 2029 година ќе можеме да возиме по овој автопат – рече Николоски.
Тој додаде дека растот на градежништвото од 21 процент во третиот квартал минатата година е показател дека инфраструктурните инвестиции даваат резултати.
– Задоволство е да се гледаат прогресот и добрите резултати. Имаме силна динамика и на автопатот Тетово – Гостивар, како и на делницата Прилеп – Битола – истакна министерот.
Директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски, оцени дека делницата Гостивар – Букојчани е еден од најсложените инженерски зафати во земјава, поради конфигурацијата на теренот и планинскиот предел.
– Во должина од околу 31 километар, во моментов активно се работи на 11 километри. Генералниот напредок на тие делови изнесува речиси 59 проценти. Ангажирани се околу 590 работници, повеќе од 500 машини и механизација и околу 55 камиони – информира Трајановски.
Според него, само во една недела се реализирани околу 45.000 кубни метри ископ и 1.800 кубни метри насип, а паралелно се работи и на четири моста и на еден надвозник. Тој најави дека следен предизвик ќе биде експропријацијата во селата од јужниот дел на Општина Гостивар, но изрази уверување дека ќе бидат почитувани роковите.
Со изградбата на автопатот, времето на патување од Скопје до Охрид, кое сега трае од три до три и пол часа, ќе се намали речиси за двојно. Надлежните оценуваат дека новата сообраќајница ќе овозможи побезбедно и побрзо патување, ќе ја подобри логистиката и ќе даде силен импулс за економски развој, туризам и за регионална поврзаност, позиционирајќи ја државата како значајна транзитна точка на Балканот.
(С. Бл.)












