Сребрен и бронзен медал за Марко и за Владимир на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Ларнака

45

Младите македонски ученици, информатичарите Марко Кренков и Владимир Грчев, освоија сребрен, односно бронзен медал на 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24 до 30 октомври се одржува во Ларнака, Кипар.

Зоран Илијоски и Јаков Грујовски од олимпијадата се враќаат со олимписка пофалба.

Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години е составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

–Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. Со овие два медала, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници, остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави – соопштиja од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 биле избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој континуирано го организира ЗИМ, годинава по 36. пат. Натпреварите се одвиваат преку системот mendo.mk, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години од земјите на Балканскиот Регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик-лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.

Следната, 19. по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи идната година во Сараево, Босна и Херцеговина.

 

ИЗДВОЕНИ