Градоначалникот на Град Скопје и претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, денеска ја предводеше втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во новиот состав, на која биле разгледани и усвоени повеќе значајни прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.
-Седницата се одржа во духот на континуитет, одговорност и јасна визија, со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставувањето поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување. Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето на современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво – соопштија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека дополнително, билаше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.
-На седницата разгледавме и усвоивме неколку значајни точки од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа. Особена чест ни беше присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација. Со ова решение, ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација. Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој очекува силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што, како што вели, колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и нашиот народ.












