– Овој настан претставува значаен дел од духовното и културното наследство на Охрид, кое се негува со векови покрај Охридското Езеро. Традиционалното капење во езерските води и послужувањето греана ракија, пача и плашици ја потврдија автентичноста на овие обичаи – истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков

Заедно со охриѓани и со бројните посетители, денеска, во месноста Сараиште, со традиционалната манифестација „Денот на рибарите“ беше одбележан празникот Свети Јован Крстител.

Тајфата на Мартин Гоџо, кој го извади крстот од осветените води на Охридското Езеро, денеска  ја продолжи традицијата на охридските рибари да се капат во езерото на православниот празник Свети Јован Крстител и на тој начин да го одбележат почетокот на риболовната сезона.

– Овој настан претставува значаен дел од духовното и културното наследство на Охрид, кое се негува со векови покрај Охридското Езеро. Традиционалното капење во езерските води и послужувањето греана ракија, пача и плашици ја потврдија автентичноста на овие обичаи – истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Тој упати особена благодарност до учесниците и до организаторите на манифестацијата, како и до членовите на „Охридскиот музички еснаф“, кои со својата програма придонесоа за достојно одбележување на празникот. На плажата Сараиште, тие свиреа староградска музика, се делеа топла ракија и локални специјалитети, а рибарите, традиционално, влегоа во Охридското Езеро по буре вино, за среќа и бериќет.

Инаку, традицијата да се одбележува овој ден е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила. Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја потенцираат својата приврзаност кон езерото.

 

 

ИЗДВОЕНИ