Скопска Црна Гора во минатото била главно прибежиште на скопјани, како спас од летните горештини. Според записите на скопскиот хроничар Данило Коцевски, особено скопските занаетчии најдобро знаеле да ги искористат ладовината и убавината на селата на Скопска Црна Гора. Во текот на летото, тие оделе масовно во селата и во манастирите на Скопска Црна Гора, со запрежни коли. Се собирале повеќе семејства и останувале таму по неколку недели

Скопска Црна Гора во минатото била главно прибежиште на скопјани, како спас од летните горештини. Според записите на скопскиот хроничар Данило Коцевски, особено скопските занаетчии најдобро знаеле да ги искористат ладовината и убавината на селата на Скопска Црна Гора. Во тој потфат биле ненадминливи.

– Има ли нешто поубаво од тие села, чии потенцијали и денес не се доволно искористени, а рајот на освежувањето е тука, на дофат? Колку може да биде пријатен тој простор, па дури и ексклузивен, покажуваат и истражувањата во Скопје на англискиот археолог Артур Еванс, од 1885 година. Познат е податокот дека римските великодостојници имале свои летниковци во еден дел од Скопска Црна Гора, оној што гравитирал кон градот Скупи. Знаеле Римјаните што е убаво и каде да уживаат – има напишано Коцевски.

Тој додава дека занаетчиите, во текот на летото, оделе масовно во селата и во манастирите на Скопска Црна Гора, со запрежни коли. Интересен е податокот дека се собирале повеќе семејства и останувале таму по неколку недели.

– Куриозитет е и тоа што раскажуваат синовите на мајсторите денес, дека често се случувало, поради некоја обврска во дуќаните, нивните татковци да слезат долу, во градот, да ја завршат работата и повторно да се вратат кај своите семејства на планината – забележал Коцевски.

Тој пренесува едно оригинално сведоштво од тоа време пред војната, иако и по војната се одело по селата на летување. Нему му го раскажал познат скопјанец, кој бил на десетгодишна возраст во тоа време.

– Преку лето, одевме на летување во манастирот „Свети Илија Долни“ на Скопска Црна Гора. Патувавме со шпедитерски коли и останувавме две-три недели. Тоа беше во годините пред војната. Стануваше збор за женски манастир. Една од тетките на мајка ми беше замонашена, така што секогаш имавме обезбедено место. Имавме соба веднаш под оние на монахињите, а на големиот чардак спиеја и по десетина семејства. Сѐ се одвиваше на чардакот, беше весело и незаборавно. Постојано се пееше. Ако немаше друг инструмент, усната хармоника секогаш беше присутна. Доаѓаа многу чаирчани и топаанчани на летување. А покрај касарните, се одеше и за Долно и за Горно Оризари. Се случуваше да се даде некој динар ако имаше соба некој, но и тоа беше симболично. Сите најубави македонски народни песни таму сум ги научил – се наведува во сведоштвото.

Спас од горештината во ноќните часови скопјани барале на отворените простори за забава, во рестораните „Кермес“ и „Опатија“, кои биле најпопуларни.

– Имаше свежина од паркот и од реката Вардар, романтична музика, мирис на скара. Беше популарен и ресторанот тераса „Црвен брег“, кај старото сајмиште под Калето, потоа летните ресторани бавчи во Старата чаршија, „Меркез“ (кај денешниот Дом на занаетчиите), како и бавчата на кафеаната „Шар“, со познатиот шадрван во средината. Од десната страна на Вардар, кон центарот, особено се изделуваше ресторанот „Балкан-бавча“, речиси споен со киното „Балкан“ – забележал Коцевски во своите записи.

Тој наведува уште еден податок за летно Скопје, кој речиси е заборавен, а тоа е дека постоеле голем број летни кинотераси, што денес, како што пишува, е незамисливо бидејќи и класичните кина речиси исчезнаа.

– Имаше летни кинотераси на покривите од зградите на Домот на градежниците, Работничкиот универзитет (денешен КИЦ), на терасата од зградата на киното „Вардар 2“, потоа летното кино во паркот, летната кинобавча „Балкан“ во близината на Феудалната кула, како и киното на отворено кај Офицерскиот дом (кино без пари). Тоа беше вистински ноќен, летен рај – набројува Коцевски.

Тој додава дека, исто така, во бегството од горештините, посебно место имале прекрасните маалски дворови: со своите сенки, бунари (во кои се ладеле лубеници) или пумпи, алеи со цвеќиња, бавчи со зеленчук. Но, и ладните подруми во куќите, како најбрз начин на светот да се побегне од горештините.

Денеска, колку и да бегаме по грчките и по другите плажи, пак мораме да му се вратиме на Скопје.

ИЗДВОЕНИ