Од Општина Битола информираат дека целта на проектот „Вотервил“ е да обезбеди сигурен и одржлив пристап до вода за руралните и за планинските медитерански заедници преку промовирање паметни, климатски отпорни решенија и решенија за управување со водите ориентирани кон заедницата. Во рамките на проектот, Општината ќе тестира иновативни решенија насочени кон подобрување на управувањето со руралните системи за водоснабдување. Фокусот е на модернизирањето на постојната инфраструктура, намалувањето на загубите на вода и на зајакнувањето на капацитетот на Општината за поефикасно следење и управување со водните ресурси

Општина Битола ќе го решава проблемот со водоснабдувањето, особено во руралните средини, преку проектот „Иновативни решенија за подобрување на водоснабдувањето во селата и справување со недостигот на вода кај отпорни рурални и планински подрачја – ‘Вотервил’ “, за што аплицираше на петтиот повик на програмата „Интерег еуро – Мед“. Општината, заедно со уште неколку градови партнери, преку вклучување на локалната заедница и на јавното претпријатие „Водовод“, ќе работи на решавање на овој предизвик.
Од Општина Битола додаваат дека мисијата на проектот „Вотервилl“ е да обезбеди сигурен и одржлив пристап до вода за руралните и за планинските медитерански заедници преку промовирање паметни, климатски отпорни решенија и решенија за управување со водите ориентирани кон заедницата.
– Проектот се стреми да поттикне соработка меѓу регионите за да се изгради иднина што е побезбедна за водата и отпорна на климатските промени. Во рамките на проектот, Општината ќе тестира иновативни решенија насочени кон подобрување на управувањето со руралните системи за водоснабдување. Фокусот е на модернизирањето на постојната инфраструктура, намалувањето на загубите на вода и на зајакнувањето на капацитетот на Општината за поефикасно следење и управување со водните ресурси – соопштија од локалната самоуправа.
Притоа, наведуваат дека Општината е активна во борбата против овие предизвици и оти веќе ги интегрира приоритетите поврзани со водата во клучните стратешки документи, вклучувајќи го својот локален еколошки акционен план и во стратегијата за локален економски развој.
Битола, како и други општини од земјава, регионот и пошироко, се соочува со проблеми во водоснабдувањето, особени во руралните области, каде што е потребно обезбедувањето еднаков пристап до безбедна и сигурна вода за пиење, што, пак, е голема одговорност и предизвик за локалната самоуправа.
Анализите покажуваат дека загубите на вода остануваат високи, при што водата што не носи приходи достигнува околу 51 %, значително намалувајќи ја ефикасноста на системот. Во неколку населби, слабиот притисок на водата, особено во областите на поголема надморска височина, влијае на секојдневниот пристап до вода.
Овие предизвици стануваат сè поакутни со климатските промени.
На 4 и 5 февруари, партнерите на „Вотервил“ се собраа на официјалниот почетен состанок за проектот, одржан во хибриден формат. Општина Битола учествуваше онлајн на овој состанок, а домаќин беше Универзитетот во Загреб, Факултетот за машински инженеринг и поморска архитектура.
– Состанокот означи важна пресвртница за проектот, обединувајќи ги сите партнери за формално започнување на соработката и за усогласување на следните чекори за спроведување – заклучија од локалната самоуправа.
Водечки партнери во овој проект е Општина Жабљак од Црна Гора, а
партнери се и: НАЛАС – мрежа на организации на локалните власти од Југоисточна Европа (NALAS) – Франција; Здружението на општини и градови на Република Српска – Босна и Херцеговина; Бугарската асоцијација за води – Бугарија; Општина Илирска Бистрица – Словенија; Здружението на општини и градови на Словенија – Словенија; Општина Теслиќ – Босна и Херцеговина; Машинскиот факултет и Факултетот за бродоградба при Универзитетот во Загреб – Хрватска; Универзитетот на Западна Македонија – Грција, Политехничкиот универзитет во Валенсија – Шпанија и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС).












