Општина Маврово и Ростуше подготвува стратешки план за туристички бум, со кој очекува идната година над 10 илјади странски туристи да го посетат Мавровско-реканскиот Регион, информираше, Фикрет Ибраими, советник за односи со јавност во Општината.
– Во тие рамки, повереникот за надлежности на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, одржа работна средба со претставниците на реномираниот македонски туроператор „DMC Balkans & Europe“, како и со делегацијата на водечки туроператори од азискиот континент. Главна тема на средбата беше воспоставувањето долгорочна соработка за промоција на овој регион на азиските пазари – вели Ибраими.
Според него, стратешкиот проект има цел максимална исполнетост на хотелските капацитети и на приватните сместувачки објекти во текот на целата година (во сите четири сезони), економски развој на локалните бизниси, поддршка за угостителите во регионот и глобална промоција на природните убавини во Маврово и на богатата културно-историска традиција на реканскиот крај.
– Мавровско-реканскиот Регион поседува уникатен потенцијал, кој е исклучително привлечен за туристите од Азија. Наша цел е, преку вакви партнерства, да обезбедиме континуиран прилив на гости, што ќе значи директна инјекција за локалната економија и сигурна работа за нашите хотелиери. Општината ќе ги обезбеди сите потребни услови и инфраструктурна поддршка за да стане овој план реалност во 2026 година – истакна Јакупоски.
Туроператорите од Азија биле восхитени од автентичноста на регионот, оценувајќи дека Маврово и Река нудат совршен спој на недопрена природа, гастрономија и на традиција, што е главен приоритет за модерните светски патници.
Со овој чекор, нагласува Ибраими, Општина Маврово и Ростуше се позиционира како сериозна и конкурентна дестинација на светската туристичка мапа.












