САШО МАНЕВСКИ, КАНДИДАТ НА ГРУПА ИЗБИРАЧИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ГРАД СКОПЈЕ: Ќе ги тргнам неспособните партиски директори на јавните претпријатија и ќе поставам професионалнци

Весникот ВЕЧЕР објавува серија интервјуа со кандидати за градоначалник на Градот Скопје. Целта е тие на јавноста да ѝ го претстават своето видување за најактуелните проблеми на македонската метропола и својата визија за нејзиниот иден развој. Со тоа, истовремено, нашите читатели ќе добијат целосна претстава за нивните заложби, а што, сигурно, ќе им биде од помош за да ја донесат одлуката за кого да гласаат на претстојните избори. Денеска ви го претставуваме Сашо Маневски, кандидат за градоначалник на Град Скопје поддржан од група избирачи.

139
Не можеме да имаме чист град, со уредени паркови и зеленила, добро обележани булевари и градски улици без дупки, како и редовни автобуси ако јавните претпријатија кои се задолжени за тоа лошо се раководат, нагласува Маневски

 

Кандидатот на група избирачи за скопски градоначалник, Сашо Маневски, смета дека единствен излез од бројните проблеми со кои се соочува македонската метропола е во подобрувањето на работата на градските јавни претпријатија. А патот до тоа е преку професионализација на нивниот раководен кадар. Преку тоа, ќе се остварат значителни заштеди во градскиот буџет кои ќе можат да се користат за други приоритетни намени.

Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?

– За жал, мојот роден град Скопје е западнат во една непријатно мирислива, длабока, каллива дупка во која сите ние живееме гушејќи се во урбаните, еколошки, комунални и сообраќајни проблеми. Тоа се клучните проблеми во Скопје. По четири години, доколку станам градоначалник на Скопје, сите ќе живееме во понормални услови за живот, со функционални јавни претпријатија кои се извор на 75 отсто од комуналните, еколошките и собраќајните проблеми во нашиот град. Не можеме да имаме чист град, со уредени паркови и зеленила, добро обележани булевари и градски улици без дупки, како и редовни автобуси, ако јавните претпријатија кои се задолжени за тоа лошо се раководат. И токму тоа е главниот фокус на мојот план – Функционалност и Развој на Скопје. Мојот избор на Градоначалник ќе му даде цврст сигнал на Советот на Град Скопје дека професионализацијата на јавните претпријатија е неповратен процес со кои тие ќе мора да се соочат. Јас ќе бидам максимално отворен за соработка со Советот за да се усвојат годишните развојни и инвестициони планови на јавните претпријатија.

Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако на него се гледа во поширока смисла, и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето доколку има редовен, брз и еколошки транспорт. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?

– Живеам близу булеварот „Партизанска“ и често ги користам автобусите, многу ми е попогодно отколку да користам автомобил. Од прва рака гледам што се случува. Јавниот превоз е јавно добро кое најдобро се управува преку едно јавно претпријатие чија цел е брз, навремен и сеопфатен транспорт на територијата на Градот Скопје и околните населени места. Тука нема место за приватници, зашто целта на приватниците е да остварат профит, а не да ни служат на сите нас. Со ЈСП треба да се работи професионално, одговорно и да се користат најсовремените алатки на дигиталната технологија за наша корист. За жал, сега не е така. Со оглед на околностите јас гледам кратки, среднорочни и долгорочни решенија. Краткорочни решенија – поставување директор на ЈСП, врвен професионалец кој ќе работи професионално и одговорно. Набавка на нови еколошки автобуси, оптимизација на автобуските линии, реновирање на сите автобуски постојки по ист терк, дигитализација на работата на ЈСП. Среднорочно решение е преиспитувањето на сите планови за јавен транспорт, нивна длабока анализа и давање една сеопфатна стратегија која ќе биде водилка како да се развива јавниот транспорт во следните 40 години имајќи ги предвид сите идни општински ГУП-ови и план за развој на Скопје. Сега имаме два отворени концепта за јавен транспорт кои не се координирани, но се актуелни и се користат за политички маркетинг за да се соберат гласови. БРТ-проектот не го решава комплетно проблемот со јавниот транспорт, ги намалува проблемите, но тој не е сеопфатен. Вториот проект, буткан за политички цели, е проектот за градски воз, кој, исто така, е парцијално решение. Овие се два различни концепта кои не се комплементарни, за нив ќе се фрлат 120 милиони евра, а не го решаваат проблемот. Имаме и трет проект, закован во фиока, а тоа е трамвајски превоз кој е најсеопфатен, а не е актуализиран. Подготвител е шпанската компанија ИДОМ во 2011 година. Јас преферирам по првата фаза, вадење од калта на ЈСП, да се пристапи кон изработка на сеопфатна студија за решавање на јавниот превоз во Скопје за следните 40 години. Ни треба сеопфатен план за трајно решавање на јавниот превоз и негова реализација чекор по чекор.

Скопје со години е на светската мапа на загаден воздух. Кои се првите и понатамошните долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?

– За жал, во право сте, мојата одговорност како иден градоначалник е да ги решава горчливите проблеми на Скопје, а загадувањето на воздухот е едно од нив. Секогаш ќе се водам од можностите и визијата Скопје да има чист воздух. Почетна точка за решавање на проблемот, од која јас поаѓам, е проектот насловен како „Справување со загадувањето на Град Скопје“, изготвен во 2022 година и во која се наведени главните предизвикувачи на загадувањето во Скопје – согорување на биомасата со 59 отсто, како и минералната прашина со учество и до 46 проценти во одредени делови во Скопје. Мојот опсежен план е следен: реформа во работењето на јавните претпријатија, кратења на непотребните трошоци во буџетот на Град Скопје, зголемена инспекција на отворените депонии за да се спречат потпалувањата, субвенции за замена на печките. Прво, ќе ги тргнам неспособните партиски директори и ќе поставам нови директори – професионалци на сите јавни претпријатија. Паралелно, од буџетот на Градот Скопје ќе ги кратам субвенциите до јавните претпријатија и установи за 25 проценти, со што ќе добијам дополнителни 3,5 милиони евра и целосно кратење на финасирање на невладиниот сектор, со што ќе заштедам дополнителни 350.000 евра. Во исто време, ќе предложам план за среднорочно и долгорочно справување со загадувањето. Во соработка со Министерството за економија ќе ги барам податоците за досегашните субвенционирани грејни тела и на остатокот од домаќинствата ќе нудам годишни субвенции од 850.000 евра за замена на сегашните печки со инвертер клима-уреди. Заменетите печки ќе бидат собирани од субвенционираните домови и ќе се носат до лиценцираните депонии за отпад на железо, каде што ќе се бара потврда за нивна преработка, а не за препродавање. Ова ќе биде 4-годишен план кој ќе замени околу 10.000 стари печки во домовите во Скопје или околу 20 отсто од домовите кои се греат на валкан енергенс. Паралелно, во соработка со врвни енергетичари/компании, ќе направам ревизија на веќе застарените планови за гасификација на Скопје со новите технолошки решенија што се нудат. Во план е и формирање ново јавно претпријатије, чиј нов фокус е гасификацијата на Скопје. Новите решенија за гасификација на Скопје ќе значат и намалување на загадувањето на воздухот во Скопје и до 60 проценти.

Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата „Вардариште“, кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?

– Дивите депонии се „рак-рана“ на Скопје. Апсолутно дека имам решение. Дивите депонии се решаваат со спојување на неколку паралелни чекори, како зголемена фрекфенција на инспекции и инспектори, професионализација на Комунална хигиена, нејзино подобро работење со поголем опфат на мрежата на собирни станици за ѓубре, воспоставување комунална полиција, формирање нова градежна депонија за градежен отпад и кабаст шут, кој ќе работи профитабилно, инвестиции во нови постројки во „Дрисла“ што ќе ја рециклира сувата фракција и ќе ја обработува влажната фракција. Трајното решение на „Вардариште“ е единствениот излез. За тоа е потребна макотрпна и грижлива работа во следниве 6-12 години и од тоа нема да отстапам. Трајно решение за „Вардариште“ е сето тоа ѓубре, кое е на минимум 40 хектари, длабоко на 20 – 30 метри, да се обработи, рециклира и правилно да се складира делот кој не може да се обработи. Ова е наизглед скапа операција, но добивката е минимум 20 пати поголема. Откога ќе се обработи „Варадариште“, ние ќе добиеме 40 – 60 хектари здраво земјиште со кое можеме да правиме што сакаме и со оглед на цената на земјиштето, таму може да добиеме 4 милијадри евра за вложени 100 милиони евра. Јас сум за изградба на мултифункционални спортски комплекси за боречки вештини заедно со еден репрезентативен саем.

Што се однесува до „Дрисла“, нејзината искористеност ќе зависи од тоа како се работи со неа, ако се работи како досега, векот на траење ќе се скрати. „Дрисла“ е предвидена за 30 години, а има простор за 50 години. Некомпактирање на ѓубрето создава воздушни џепчиња кои овозможуваат формирање на гас кој лесно се пали. Не се компактира за да се заштеди нафта од двата компактори кои „Дрисла“ ги има сега.

Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба да се смени концептот на јавните претпријатија?

– Мојот план е насочен кон најболните комунални точки на Скопје, јавните претпријатија кои во последните три години имаат остварено загуба од 18,7 милиони евра. Прво, како градоначалник, планирам да поставам врвни професионалци од корпоративниот македонски сектор, кои ќе бидат бирани врз база на нивниот професионализам и добрите карактерни особини, на отворен повик. Процесот на интервјуата на кандидатите ќе им го препуштам на приватните т. н. „ловци на директори“, кои ќе ги најдат соодветнтие кандидати. Околу 75 отсто од комуналните проблеми во градот се заради лошото работење на јавните комунални претпријатија, нивната партизираност и неодговорноста, немањето казнивост. Нема да биде лесно, но немаме друг избор ако сакаме почист град. Како резултат на добрата работа на јавните претпријатија, Град Скопје нема да мора да издвојува околу 14 милиони евра годишно за субвенционирање на нивните загуби. Мојот план е уште во првата година да заштедам 25 отсто од субвенциите, т. е. 3.5 милиони евра од кои 2.5 милиони евра ќе ги насочам кон виталните сообраќајни проекти во Скопје. Секаде каде што гледате депонии и ѓубре, всушност, се фрлени пари кои лежат насекаде. Да формираме јавно претпријатије кое исклучиво ќе се бави со градежен отпад, истиот ќе се процесуира и ќе се преработува во нови произвоиди за потрошувачка. Паралелно се потребни инвестиции во „Дрисла“ за да може да се рециклира сè што е сув отпад, картон, пластика итн., а од влажниот отпад, храна да се прави биоенергенс кој ќе се продава. Комунална хигиена треба да ја прошири мрежата на контејнери и конечно да имаме два типа контејнери за т. н. сува и влажна фракција.

Како ќе го решите проблемот со бездомните животни оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?

– Најидеално би било да имаме финансии да го решиме проблемот со дивите кучиња и нивниот ефективен третман. Но за жал, „Лајка“ не е способна да се соочи со проблемите со дивите кучиња, а наспроти тоа има и стационер за хуман третман на задомени кучиња. Во отсуство на доволно финансии, вистинското прашање е како ќе се реши проблемот со дивите кучиња? Со нивна кастрација и евентулно задомување во „Лајка“, евтаназија на дивите кучиња или спој од двете решенија? Јас приоритет им давам на граѓаните и на заштитата од каснување од диви кучиња. Многу е поефикасно да направиме широко заловување на дивите кучиња, нивна хуманта евтаназија, отколку да трошиме пари за нивниот третман и задомување во „Лајка“. Јас ја ставам безбедноста на скопјани во прв план.

Младите сè почесто се отселуваат. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот?

– Јавните културни установи водени од градот работат застарено, анахроно и неодговорно. Немаат дигитални платформи на програмите, непристапни се и работат непрофесионално. На чело на сите културни установи ќе поставам директори професионалци, кои ќе приложат план за работа. Субвенциите во прво време ќе се користат за подигнување на работата на културните установи со нудење нови програми кон кои младите ќе имаат голема достапност, како и со поголема понуда на културните програми. Една од целите ќе биде и подобро финансиско работење на јавните установи, да не бидат само даватели на културен настан и толку. Потребна е комерцијализација на услугите со помош на инвентивно работење на новите директори. Јавните установи имаат одлични просторни капацитети за пообемна работа.

Имате ли тајна формула за обнова и за рехабилитација на лунапаркот и на зоолошката градина?

– Имам јавна и ефикасна формула за нивна обнова и рехабилитација. За золошката градина, ќе поставам професионалец кој ќе приложи добар план за подобра работа користејки ги добрите практики на работа на зоолошките градини. Пред сè, мислам на проширување на понудата на посетителите, како и проширување на услугите во золошката градина, која ќе може да профитира од сета таа работа. Лунапаркот е одлична можност за забава на најмладите и ќе го разгледам планот за ревитализација за да видам дали се вклопува во мојот план за користење на средставата од кратењето на субвенциите за јавните претпријатија, дали остатокот ќе биде доволен за заживување на лунапаркот. Ако бизнис-планот на лунапаркот е поволен,  дефинитивно ќе го реализирам. Мора да бидеме реални што сè можеме да постигнеме со лимитираниот скопски буџет. И овде да напоменам, јас како градоначалник на Скопје, ќе барам од владата да се смени концептот на финасирање на Градот, кој со 114 милиони евра е мизерен и навистина не е во можност да се соочи со сите напластени проблеми.

Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?

– Запознат сум со дел од проблемите. Замислете, во Македонија дури и кога си мртов не ве оставаат на мира, па како мртовец, ако не платите за вашето гробно место десет години по ред, ќе ве откопаат и ќе ви ги стават коските во заедничка гробница. Срамота. Јас се заложувам да ја разгледам сегашната концесија и да видиме како можат да се подобрат услугите за нашите најмили да почиваат достоинствено и во мир божји.

Која од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?

– Апсолутно дека ќе има место за сите противкандидати кои се независни и не биле дел од досегашните политички структури кои нè бутнаа во оваа смрдлива кал, за жал. Тие што ги креирале проблемите не можат да бидат дел од решението. Ми се допаднаа предлозите на господинот Владимир Куновски од Работничка партија, неговото решение со Заводот за урбанизам на Град Скопје. Професорот Горан Марковски има добри идеи за градежните објекти, како и Амар Мециновиќ за јавниот превоз. Тие тројца ќе бидат моите идни советници.

Станбените згради да бидат само за домување

Со кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП? На кои приципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?

– Единствено решение за урбанистичкиот хаос е да се вратиме во границите на урбаните правила и принципи кои сега ги нема, а професионалците знаат што треба да се направи. Урбаниот развој да го оставиме на урбанистите, а не на профитерите, како што е сега. Еве, дел од тие добри урбани практики. Неможноста на приватни фирми (кои се врзани со големи градители на згради) да прават ДУП- ови. Во населбите за домување, куќите да бидат само за домување, а не за водење бизнис. Станбените згради да бидат само за домување и да нема комерцијални објекти на приземје на станбена зграда. Сега ќе купите стан на 5-кат, а на приземје имате кафуле од кое имате бучава до полноќ, ве гуши оџак од скарата која работи на приземје и разни други работи. Лимитирање на бројот на жители на единица простор треба да се практикува за да се спречи понатамошната дебармализација на Скопје, проектирање доволен број паркинг-места за станарите на зграда и за нивните идни гости. Да се има Завод за Урбанизам на Град Скопје кој ќе издава дозволи за градба на територија на цело Скопје. Дозволите за градба да ги дава урбанист вработен во градот, а не градоначалник на општина, како што е сега. Инспекциските служби за дивоградба да бидат на ниво на град Скопје. (Б.Ѓ.)

 

 

ИЗДВОЕНИ