понеделник, јануари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРВИОТ ЧОВЕК НА АДКОМ, ИГОР СПАСОВСКИ, ПРЕДУПРЕДУВА ЗА ПОСЛЕДИЦИТЕ НА МОЖНАТА ОДЛУКА...

ПРВИОТ ЧОВЕК НА АДКОМ, ИГОР СПАСОВСКИ, ПРЕДУПРЕДУВА ЗА ПОСЛЕДИЦИТЕ НА МОЖНАТА ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД: Уставна одлука може да стави клуч на врата на 80 отсто од комуналните претпријатија

103

Продавање камиони за собирање ѓубре, продавање камиони за чистење снег, канцелариски мебел и друга опрема преку лицитации за да се изврши присилна наплата што ја бараат извршителите. Ова е само едно од можните сценарија што може да им се случи на општинските и на државните јавни претпријатија, доколку уставните судии решат да ги укинат или да ги поништат двата члена од Законот за извршување, кои досега ги штителе овие претпријатија од присилната наплата на долговите што ги имаат кон други странки. Познато е дека, минатата недела, Уставниот суд реши да поведе постапка за оценка на уставноста на двата става од членот 219 од Законот за извршување. Тие предвидуваат дека врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. А кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот, ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство.

 Ќе нема кој да собира ѓубре и да испорачува вода

– Ако се случи тоа, ако уставните судии да одлучат дека веќе немаме право на таквата заштита од присилни наплати, веднаш може да се стави клуч на врата на 80 проценти од општинските комунални претпријатија и тие да престанат со работа. Ќе нема кој да собира ѓубре, ќе нема кој да им испорачува вода на граѓаните. Најголемиот дел од општинските комунални претпријатијата работат со големи загуби наназад со години, и тоа ќе ги докрајчи. Ако некому му одговара тоа да се случи и нашите вработени да останат на улица, тогаш нека се донесе таква одлука – предупредува во изјавата за весникот ВЕЧЕР, Игор Спасовски, претседател на АДКОМ, асоцијација на вакви комунални претпријатија во земјава.

Ваквата можност за заштита на јавните претпријатија од присилната наплата уставно ја оспори битолскиот адвокат Николче Митевски, откако негови странки не можеле да остварат право на пензија бидејќи општинските комунални претпријатија не им ги уплатувале пензиските придонеси. Потоа, иако добиле правосилна судска пресуда дека придонесите можат да ги наплатат присилно преку извршител, тоа не било можно. Причина е што судовите ги заштитувале јавните претпријатија кои се во загуби од каква и да е присилна наплата. Дознаваме дека мотивот на Митевски бил да ги заштити правата на граѓаните што чекаат пензија и на што имаат граѓанско и секакво друго право. Односно, дека нивното право на пензија не може да биде блокирано со фактот што јавните претпријатија се во загуби и дека основачите на јавните претпријатија мора да најдат начин како да се исплатат побарувањата за да можат тие граѓани да остварат право на пензија за да си обезбедат егзистенција.

Во иницијативата на Митевски, меѓу другото, е наведен и пример од практиката на неможноста да се оствари правото на пензија на лице вработено во комунално претпријатие, на кое не му биле уплаќани придонеси, а има наполнето 15 години работен стаж. Имено, се тврди дека лицето со неисплатени придонеси за пензија  добива правосилна судска пресуда во негова корист, но не може да наплати од комуналното претпријатие и извршителот не може да преземе извршни дејства, токму поради непрецизноста на содржината на оспорената одредба. Па, така, судиите пред кои доаѓале ваквите предмети за извршување, најчесто определувале финансиски суми под кои не можело да се врши присилна наплата и што јавните претпријатија најчесто ја користеле како алиби да ги одбијат извршителите и граѓаните.

Се бара брза и ефикасна наплата на побарувањата на комуналните претпријатија

Но, уставните судии изразиле сомневање дека со Законот за извршување е воведена генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, а кои доаѓаат и од други страни. Се смета дека не се воспоставени правни стандарди и не е прецизирано кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на дејноста, односно задачите на јавните претпријатија.

– Ако Судот сака да овозможи непречена присилна наплата од наши сметки, тогаш нека се најде начин на кој ние, како комунални претпријатија, брзо и ефикасно ќе ги наплатуваме нашите побарувања. Моето општинско комунално претпријатие има долгови од 8-9 милиони денари, а има сè уште ненаплатени побарувања од преку 50 милиони денари. Кај некои други, посебно скопски комунални претпријатија, побарувањата се значително големи. А и тие имаат големи загуби. Значи, ни треба ефикасна наплата на нашите сметки, при што најмногу ни должат физичките лица – вели Игор Спасовски, кој е директор на ЈКП „Солидарност Виница.

Тој наведува примери со кои, на крајот, не можат да ги наплатат побарувањата од фирмите кои им се должници за сметки за вода, за собирање ѓубре.

– Фирмите одат во стечај, се бришат од Централен регистер без претходно да платат комунални сметки. Ние на време поведуваме судски постапки, но тие долго траат и фирмите, во меѓувреме, згаснуваат и нема од кого да наплатиме. Државата нека ни овозможи брза и ефикасна наплата на побарувањата, на пример, преку УЈП, и проблемот што сега се појавува ќе биде решен – објаснува Спасовски. (Б. Ѓ.)

Загуби тешки 193 милиони евра

Анализа на Центарот за граѓански комуникации од декември минатата година, покажува дека загуба оствариле повеќе од половина од локалните јавни претпријатија во земјава.

– Вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра. Во последните години растат и загубите и бројот на претпријатија со загуби. Само првите 10 претпријатија со најголеми загуби прикажале 77 % од вкупните загуби. Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија изнесуваат 193 милиони евра. Долговите на 20. најзадолжени претпријатија се повеќе од половина од вкупните долгови на сите претпријатија. На дури третина од локалните јавни претпријатија им се блокирани банкарските сметки. На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија – „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“. Само скопски Водовод има загуба од 4,2 милиони евра. На четврто и петто место се две битолски претпријатија, „Водовод“ и „Комуналец“. Следува уште едно скопско претпријатие, „Паркови и зеленило“, а потоа комуналните претпријатија од Кочани, Велес, Охрид и Прилеп – се наведува во анализата.

ИЗДВОЕНИ