„Илинден, Илинден, ти си наш Велигден. За тебе пееме и се гордееме.“ Така се пее во химната „Илинден“ на познатиот музички деец Јосиф Чешмеџиев (Скопје, 1890 – Софија, 1964). Така пее и македонскиот народ за празникот Илинден, празник за возбуда и сеќавање на херојските времиња. Ако некогаш празникот бил поврзуван со големиот пророк од Стариот завет, светиот пророк Илија, кој со преземањето на функциите од врховното словенско божество Перун станал громовник, подоцна со овој празник повеќе се поврзува славното Илинденско востание, кое денес претставува гордост за македонскиот народ. И австроунгарскиот дипломат со долга кариера, Алфред Рапопорт, во својот запис со наслов „Земјата на мачениците“ по својот престој во Македонија, веднаш по востанието истакнува: „Меѓу револуционерните потфати на нашиот век, македонското востание од 1903 година, кое го носи навек славното име Илинденско, е едно од најмаркантните востанија.“
Иако тоа беше најсвирепо задушено од илјадници агресивни војници и башибозуци, со топовски плотуни наспроти берданки и мартинки, со многу запалени села и полиња, со изгорени амбари со жито, со илјадници убиени, осакатени, силувани и до бескрај понижени луѓе, „пред неверничките и нечувствителни очи на Европа“, како што тогаш пишувал Реџиналд Вион, англиски дописник на „Дејли мејл“, од Македонија, сепак, тоа востание покажа дека македонскиот народ сам си го обележа патот кон слобода и своја држава, патот што подоцна доведе до НОБ и АСНОМ. Зашто, ако за генерацијата на Миладиновци беше речено дека го забрза времето, генерацијата на Илинден (1903) го дефинира националниот идеал, кој доведе до создавање на македонска држава.
А кога се споменува Илинден, секогаш мислата оди кон Организацијата со повеќе имиња, најповеќе позната како ВМРО. Таа Организација, како што пишува Стојан Христов, „е главниот фактор во борбата за македонската независност. Затоа што, додека сите правно-политички активности се спроведуваат надвор од Македонија, ВМРО како што кажува првиот збор од името, постои на почвата на Македонија. ВМРО беше основана заради единствена и директна цел да ја ослободи Македонија и да ја осамостои во независна држава, но во текот на минатите петнаесет години, освен оваа отсекогаш присутна цел, таа ја имаше и понепосредната и неодолива мисија да го спасува самиот поим за постоење на Македонија. Зашто таквиот поим забрзано исчезнуваше; Македонија стана чиста историска концепција, нешто што постоело како држава пред повеќе од две илјади години, како Кападокија или Мизија. Тоа што не стана таква се должи, главно, на одбивањето на ВМРО да умре.“
Македонскиот карактер на организацијата и на самото масовно движење во Македонија го согледал и англискиот публицист Хенри Ноел Брајлсфорд, кој по Илинденското востание пет месеци патувал низ Македонија и благодарејќи на неговиот статус на хуманитарец имал можност одблизу да се запознае со вистинските состојби: „Востаничкото движење е, всушност, чисто македонско движење, подготвено од Македонци, водено од Македонци и потпомогнато од страсната симпатија на огромното мнозинско словенско население. Речиси и не постои село кое не ѝ се приклучило на организацијата.“
За Илинденското востание, за настаните и хероите од тој период се испеани илјадници песни. Некои од нив се настанати веднаш по настаните. На пр. кон песната „Пиперката во Прибилци“, која што опева настан од самото востание, составувачот Панчо Михајлов оставил податок дека песната е пеана „три дена по Илинденското востание“. Се знае и дека песната за загинувањето на Веле Марков во селото Ракитница била популарна само два месеци по настанот. Итн.
Блаже Конески во еден есеј пишува за создавање творештво во услови на војна. На почетокот забележува: „Некој рекол. Кога говорат топовите, музите молчат“. И додава: „Сигурно со големо право. Сепак да видиме.“ Натаму истакнува дека „секој ќе се сети лесно дека има исклучителни дела што настанале во крвави денови на војни и револуции, токму како длабок израз на своето време.“
И нашата револуционерна народна песна настаната во такви тешки времиња е токму одраз на своето време. Кочо Рацин во една своја статија за македонската народна песна вели дека „сето она што не можело слободно да се каже, сето она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната.“ Кој создавал песни кога на многумина повеќе им било до плачење отколку до пеење? Австрискиот конзул во Битола, Август Крал, во еден извештај од 28 август 1903 година забележал дека „многу настани се величаат во песни, народот ги воспева и за тоа особено се грижат учителите што учествуваат во востанието.“ Истото го сведочи и американскиот новинар и публицист, Алберт Сониксен, кој неколку години минал меѓу македонските комити: „Македонците ги запишуваат големите настани од својот живот во народните песни, а оној што ги сочинува тие песни е сигурно некој непознат селски учител.“
А што може да направи песната? Секако може да биде провокација кон непријателот, може да охрабри, да создаде борбено расположение, да влее оптимизам кај соборците. Во која функција била песната што комитите ја пееле во селото Могила додека гледале како аскерот ги сардисува? Како што запишал редакторот на најпознатиот дански весник „Националите“, Франс Де Јенсен, кој бил сведок на настанот кога загинале професорот по музика во битолската гимназија Парашкев Цветков, долгогодишниот комита дедо Андреја од село Црско и повеќемина други револуционери, комитите додека гледале како аскерот ја сардисува куќата во која се наоѓале „знаејќи каква судбина ги очекува, запеале патриотски песни чии рефрени ја слават смртта на оние што се жртвуваат за слобода“.
За моќта на песната да биде провокација кон непријателот, но и да мобилизира на отпор, пишува и Ѓорче Петров во своите спомени. Тој сведочи дека околу 40 души затвореници на чело со таткото и синот Гавазови, од Прилеп кон Битола биле испратени во синџири. Тие и во таква состојба „со бунтовнички песни марширале низ градот Прилеп и песните се преземале од народот со јавни псувачки кон власта“. Бидејќи ваква манифестација се очекувала и во Битола, затворениците по споредни патчиња биле спроведени во затворот во овој град.
Дека пеењето од страна на затворениците можело да предизвика поширок интерес и да претставува значајна манифестација сведочи и познатиот гемиџија Павел Шатев во своите спомени за Фезан (Либија) каде што бил одведен на издржување на казната. Во Солун, кога ги воделе кон пристаништето 156 затвореници, сите во окови громогласно пееле револуционерни песни, со што го привлекле вниманието на населението по улиците низ кои минувале: „Не сакаме богатство, не сакаме пари, туку слобода сакаме и човечки правдини.“ Понатаму Шатев вели: „Не знам, дали за да ѝ даде поголемо значење на поворката или за да ја манифестираат посилно својата надмоќ, власта на секој отпеан стих одговараше со топовски салви. Тој ден првпат по солунските улици се пееја револуционерни песни. Тоа беше првата манифестација, а подоцна солунските бедеми ќе видат уште многу други.“
Дека песната можела да испровоцира и да испрати порака, сведочи и Милан Матов, кој во затворот бил сведок на случки кога стражарите се пијанеле и пукале во подот под кој биле затворениците. Овие, пак, за да не им останат должни, пееле народни јуначки песни кои многу ги дразнеле Турците. Чаушот слегувал кај затворениците, тропал со стап по вратата и викал: „Жими вера сите ќе ве исколам.“ Толку ли можела песната да го надразни и да го испровоцира тој силен чауш за така да реагира? Секако дека можела. И поп Тома Николов сеќавајќи се на времето кога бил во затвор пишува дека некој Коста Георгиев имал толку силен глас што кога ќе запеел, целиот затвор грмел. Се слушало дури и во соседните турски куќи во маалото. „Тоа го правевме ние, едно за повесело да го минеме времето, а друго – да го подигнеме духот на другите затвореници“.
Дека песната можела и да мобилизира, да создаде борбено расположение и да поттикне на борба, може да се види од еден запис на Христо Силјанов за престојот во Сетинската Планина. Во текот на ноќта што востаниците ја минале со смеа „до наситка“ биле испеани повеќе песни. Дури и тие што не ги знаеле ни зборовите ни мелодијата, викале колку и другите. Во еден момент воодушевувањето стигнало до самозаборав. „Во таа минута секој од нас би пресретнал со радост една изненада од турските потери и би погинал за слободата како вистински херој. Би ја пресретнал со презир и би ја победил смртта – како што ни беше велел Гоце.“
А кога станува збор за Гоце, за него народот испеал најмногу песни, го запаметил во многу преданија. Гоце бил најпопуларната личност во македонското ослободително движење од овој период, секаде омилен, човек со ѕвезда, како што вели народот. Стојан Христов пишува дека Гоце бил „месото и крвта на ВМРО. Тој беше моќта, движечката сила која ја туркаше ефикасната и жизнена машина во дејство. Самото одѕвонување на неговото име дејствуваше како магија врз душите и умовите на македонската младина. Доволно беше да се појави гласиште низ селата дека Делчев се наоѓа во близина за луѓето да почувствуваат дека слободата беше близу.“ Бугарскиот поет и близок пријател на Гоце, Пејо Јаворов, запишал: „Со кама, пиштол, реденица и светла манлихера на рамо, Делчев личи на некакво ајдучко божество.“
Гоце освојувал со својата искреност и со својата добрина. Неговиот соборец и искрен почитувач, Андон Ќосето, забележал во своите спомени дека Гоце не кажал ниту еден груб збор, дека никогаш не бил намуртен, секогаш бил весел. „Мене ми е тешко, вели Ќосето, за секој паднат другар. Впрочем, како нас можат да се родат десетици, стотици. Но Македонија одвај ли ќе роди друг Делчев.“ Ете затоа народот за него пеел песни и раскажувал легенди и додека бил жив и по неговото загинување. Ете затоа уште додека историчарите не го беа вреднувале неговото дело, народот му подигнал најголем споменик токму со народните песни и легенди.
Григор Прличев, кој поради своите револуционерни настапи можеме да го сметаме за преттеча на илинденците, пишувајќи за првото испејување на песната „1762 лето“ сведочи дека песната била испеана со многу емоции. „Солзи потекоа од очите на гостите, не толку од вредноста на стиховите колку од страста со која се испеаја. Таа песна ни помогна во искоренувањето на грцизмот многу повеќе од сите наши прежни подвизи.“
Дека песната била моќно оружје против туѓите влијанија и странските пропаганди сведочи и едно сеќавање на Тома Николов за неговата прва посета на манастирот „Пречиста Кичевска“ (на 8 септември – с.с.) кога имал само десетина години. Цел живот потоа се сеќавал како народот не му дозволил на грчкиот владика Антим да влезе во црквата и да служи. А кога тој се обидел тоа да го направи во дворот, се случила еден вид мирна демонстрација. „Свирењето на гајдите, песните и ората се засилија и никој не му обрна внимание нему и на неговата служба.“ Утрото, бидејќи црквата пак била затворен, владиката со неговата придружба си заминал, по што црквата била отворена и народот, свечено го прославил празникот.
Колку песната може да го одржува духот на народот, неговиот оптимизам во поглед на конечниот исход од борбата, може да се види од еден запис на Петар Манџуков, член на македонското анархистичко движење од илинденскиот период. Имено Манџуков во своите мемоари пишува дека кога по еден престој во Македонија со четата на Гоце, се вратил во Пловдив, и кога на вујко му, владиката Натанаил, му кажал дека биле во Серско, Драмско, Разлог, Демирхисарско, Зилјаковско, и Неврокопско, вујко му го прашал: „Таму паметат ли… го паметат ли Кресненското востание, ја паметат ли автономна Македонија, на што Манџуков му одговорил: „Паметат и ја споменуваат често. Во Горно Броди, Серско, ја пеат песната за Стојан војвода од селото Старчишта.“ Манџуков натаму сведочи: „Веѓите на вујко ми се подигнаа и тој зборуваше како да зборува за себе: Пеат, тоа е добро. Ништо не е загубено штом му се пее песната. Народот не ги заборава своите песни.“ Навистина ништо не е загубено додека се пее на народниот јазик. Додека се создаваат песни, додека народот го опева својот живот, додека го памети своето минато, додека живее со духот на своите предци. Ништо не е загубено додека постојат народниот јазик и народната песна.
Иако оваа песна е создавана во тешки времиња, во време на страдања на македонскиот народ, во многу борби, жртви, загинување на јунаците, уништување на материјалните добра, оваа песна не е песна на очајот и поразот туку песна на оптимизмот, на вербата во конечната цел: „Јунак падна, бајракот не падна.“ Во една песна, Александар Турунџе од бесилката порачува: „Ако ме мене обесат, нека се живи браќа ми, поарни ќе се од мене, поарни храбри херои.“ Дури и во текот на востанието кога имало многу жртви, народот продолжувал да живее и да верува во подобра иднина. Италијанскиот новинар Луиџи Вилари, дописник на лондонското списание „Месечен гласник“, кој бил директен сведок на овие случувања, запишал: „Судејќи според песните и бучното смеење, човек не може да претпостави дека се наоѓа во земја разгорена од востание и црвена од колежи.“ Сепак, во песните од овој период најсилен впечаток остава рефренот „Македонија.“ Дека тој рефрен не е обичен украс на песните, туку манифестација на припадност кон одредена татковина, согледал и англискиот публицист Хенри Ноел Брејлсфорд. „Нивните јуначки песни во кои зборот Македонија се среќава во секој рефрен, докажува дека тие веќе имаат своја татковина.“ Таа татковина се викаше Македонија, за неа се живееше, за неа се умираше.
Излезе од печат петтиот том од Одбраните дела на проф. д-р Марко Китевски
„Фолклорот од Македонија“– ризница на народното творештво
„Фолклорот од Македонија“ е петтиот том од Одбраните дела на проф. д-р Марко Китевски, која ја издаде „Гирланда“, а ги содржи петдецениските истражувања на Китевски на македонски фолклорни материјали, како и на најзначајните зборници со македонски народни умотворби. Оваа книга е единствена и по тоа што во неа се објавени истражувања на помалку познати собирачи на македонски народни умотворби, чии записи имаат суштествено место во науката за фолклорот и кои заслужуваат да бидат пошироко афирмирани. Посебна вредност претставуваат истражувањата на животот и на делото на некои помалку познати собирачи на народното творештво како што се Антон Поп Стоилов, Ефрем Каранов, Серафим Бојанов, јероѓаконот Јосиф од кичевскиот манастир „Пречиста“, Стерјо Спасе, Јосиф Чешмеџиев и други важни имиња во македонската фолклористика кои заслужуваат големо внимание.
– Кога се имаат предвид високите уметнички вредности на нашите народни умотворби, не е ни чудно што со нивно запишување и истражување се занимавале познати имиња од целиот свет како во подалечното, така во поблиското минато. А тоа што овие вредности долго останале непознати и неафирмирани во европската и во светската културна јавност се должи, пред сè, на фактот што во 19 и во првата половина на 20 век Македонија беше под ропство на разни освојувачи, и Македонците не можеа своето народно творештво да го афирмираат под своето национално име. Објавувани во разни културни центри надвор од Македонија, како Софија, Белград, Москва Петроград… овие народни умотворби го носеа и туѓото национално обележје. Дури по Втората светска војна македонскиот народ создаде услови да го афирмира своето народно творештво под своето национало име. Тогаш, почна вистинскиот нагорен развој на македонската наука за фолклорот, иако нејзините корени датираа уште многу одамна, се вели од предговорот на „Фолклорот од Македонија“.
Во поглавјето „Музичката традиција во Македонија“ авторот пишува за повеќе прашања поврзани со музичкиот живот во Македонија во минатото. Текстовите за фолклорната традиција во Охридско, Битолско, Прилепско, за фолклорот од Егејска Македонија и етнолошките и фолклорните традиции од Малешевијата заслужуваат посебно внимание. Посебно внимание заслужува и трудот за ансамблот „Танец“ како чувар и афирматор на македонските фолклорни традиции.
Ова капитално дело се појавува кога проф. д-р Марко Китевски навршува 75 години возраст и педесет години творечка дејност, а со овој ракопис се одбележува и 80-годишнината од објавувањето на збирката со наслов „Збирка на македонски народни песни“ од Блаже Конески.
Марко Китевски целиот живот го посветил на истражувањето на македонскиот фолклор, и е еден од последните теренски собирачи на македонските народни умотворби, песни, обреди, традиции… Китевски е професор во пензија од Институтот за македонска литература и автор на преку шеесет книги и на повеќе од 400 други трудови објавени во списанија, зборници од научни собири и други публикации. Со негов потпис се и монографии за македонската народна лирика, за борбените песни, за народните клетви, за кратките фолклорни жанрови, Историја на македонскиот фолклор, едиција Македонски народни умотворби во десет тома и други трудови. За своето творештво е добитник на наградите „13 Ноември” на град Скопје, „Ѓорче Петров” на општина Ѓорче Петров, „Св. Климент Охридски“, како и на највисоките државни награди: за долгогодишни остварувања од национален интерес „23 Октомври” и “11 Октомври“ за животно дело.