Приватните автобуски превозници во Скопје денеска сообраќаа по редовен возен ред. Тие соопштија дека вчера, околу 17:00 часот, виделе оти од ЈСП им префрлиле по 6 милиони денари на сите три фирми: „Јофи бус“, „Весор транс“ и „Радос компани“. Нагласуваат дека е малку тоа и оти ќе биде доволно за околу десетина дена, но, како што велат, ќе издржат и се надеваат дека дотогаш ќе има уплата на нови средства од ЈСП за да може да работат без прекин

 

Приватните автобуски превозници во Скопје денеска сообраќаа по редовен возен ред.

Тие соопштија дека вчера, околу 17:00 часот, виделе оти од ЈСП им префрлиле по 6 милиони денари на сите три фирми: „Јофи бус“, „Весор транс“ и „Радос компани“.

Нагласуваат дека тоа е малку и оти ќе биде доволно за околу десетина дена, но како што велат ќе издржат и се надеваат дека дотогаш ќе имаат уплата на нови средства од ЈСП за да можат без прекин да работат.

Тие се прашуваат од каде се најдени тие пари прекуноќ и зошто не било направено порано тоа, туку се чекало да престанат да возат и повторно да им се направи проблем на граѓаните за да им се даде одредена сума пари.

Приватните превозници велат дека треба навремено да се уплаќаат средствата бидејќи треба редовно да се сервисираат автобусите, да се купи гориво за да возат и за да нема прекин и граѓаните да не чекаат на автобуските станици.

Приватните превозници „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“, кои сообраќаат во Скопје, во петокот побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментот биле достасани 90 милиони денари.

Директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, пак, тврдеше дека долгот кон сите три превозници изнесува околу 60 милиони денари, далеку под сумата што ја посочуваат тие.

Приватните превозници велат дека имале договор да се врши исплатата според можностите на ЈСП, но оти досега им е исплатен само мал дел – по 300 илјади денари во четвртокот минатата недела и 10 милиони денари пред пет недели, за стари обврски од март.

Тие во понеделникот возеа редуцирано, од 5:00 до 10:00 часот.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ