понеделник, јануари 26, 2026
Дома СКОПСКА Помош и топлина во домот на изнемоштените

Помош и топлина во домот на изнемоштените

87

Општина Центар продолжува да обезбедува непосредна поддршка за своите повозрасни сограѓани преку проектот „Сервис за стари лица – Центар се грижи за возрасните“. Една од корисничките е 72-годишната Снежана Димовска, која, како што велат од Општина Центар, се движи со тешкотии и веќе четири години ја користи услугата.

– Од самиот почеток таа ја има истата негувателка, Јулијана Алексоска-Анчевска, која трипати неделно по два часа ѝ помага во одржување на личната хигиена, движењето, домаќинството, посетите кај лекар и набавката на лекови. Преку оваа поддршка, Снежана не само што ја добива неопходната помош во секојдневието туку го поминува времето во разговор, социјализација и добро расположение – ја раскажуваат приказната за јавноста од Општината.

Градоначалникот, Горан Герасимовски, нагласи дека станува збор за многу успешен проект од кој, како што наведува, корисниците се исклучително задоволни.

– Со оваа услуга, која Општина Центар ја спроведува во соработка со невладината организација „Хуманост“, обезбедуваме директна грижа и поддршка за повозрасните жители во нивните домаќинства. Месечно, услугата опфаќа околу 100 жители – објасни Герасимовски.

Преку проектот за нега на стари лица, корисниците бесплатно добиваат помош и поддршка од стручни и обучени лица, вклучително и негуватели, физиотерапевт и социјален работник, директно во својот дом.

Право на користење на услугата имаат лица постари од 62 години, кои се корисници на пензија или социјална помош, со месечни примања до 35.000 денари и со живеалиште на територија на Општина Центар.

 

ИЗДВОЕНИ