Почна со емитување божикниот серијал „Најубавиот подарок за Божик“ од четири епизоди, создаден со љубов за децата и за сите нас што сакаме да се потсетиме на вистинската смисла на Божик.
Од Здружението за возобновување на вистинските православни традиции „Бадникови поворки“, велат дека серијалот се емитува секоја вечер во 19:00 часот, на нивниот јутјуб-канал https://youtube.com/@badnikovipovorki и тоа во четири кратки, но неизмерно топли епизоди, кои траат од по 5 до 7 минути.
Најважните празнични приказни се: Витлеемската пештера, Витлеемската ѕвезда, Тројцата мудреци и Божикен подарок.
Серијалот е реализиран од продукцијата за Бадникови поворки, „Ра-Ли“, во режија на Владо Дојчиноски, со учество на деца кои со својата искреност и чистота нема да остават никого рамнодушен.
– Овие приказни не се само за гледање, тие се за чувствување. За потсетување дека најголемите подароци не се во кутија, туку во срцето. Секоја епизода е мал семеен ритуал. Момент за заедничко гледање, разговор и тивка радост. Подготовка за она што следува… – велат од „Бадникови поворки“
Оттаму додаваат дека ова е само вовед во големата радост што нè очекува сите на 6 јануари 2026.
– Тогаш во повеќе од 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија и САД, со величествени поворки на радост, заедно ќе го благовестиме Христовото раѓање – нагласија од здружението.












