вторник, јануари 27, 2026
Дома СКОПСКА По мостот кај Ќерамидница ќе се вози до крајот на годинава?

По мостот кај Ќерамидница ќе се вози до крајот на годинава?

149

Иако беше најавено дека мостот „Михајло Апостолски“ кај Ќерамидница ќе биде пуштен во функција уште во 2022 година, сè уште не се случи тоа. Последната најава од новиот градски татко, Орце Ѓорѓиевски, е дека мостот ќе биде пуштен во функција до крајот на годинава.

И според претходната скопска градоначалничка, Данела Арсовска, и според сегашниот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, пречка се нерешените имотноправни односи.

– Во моментов се одвива постапката за расчистување на имотноправните односи поврзани со експропријацијата на потребното земјиште. По целосното завршување на овие правни процедури, ќе следува започнување на градежните активности – одговорија од Град Скопје.

Но, и покрај најавите дека ќе се отстраната сите пречки и мостот кончено ќе профункционира, мостот остана како симбол на неефикасна градска администрација.

Мостот од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Ќерамидница почна во март 2020 година. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра.

Со изградбата на овој мост и со пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судска палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини може да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа маршрута.

Вредно е да се спомене и фактот дека изградбата на овој мост постои во планската документација на Скопје уште од 1965 година.

Првиот скопски градоначалник, Јосиф Михајловиќ-Јурукоски ќе добие споменик

Годинава, Град Скопје ќе постави споменик на првиот скопски градоначалник, Јосиф Михајловиќ-Јурукоски, кој бил на функцијата, со мали прекини, од 1929 до 1941 година и се смета за татко на модерното Скопје.

Од Град Скопје велат дека поставувањето на споменикот ќе следува по завршувањето на сите неопходни законски, стручни и буџетски процедури.

– Програмата на градоначалникот предвидува да не се реализираат ваквите проекти импровизирано, туку во јасна временска рамка, со целосна транспарентност и јавна отчетност – потенцираат градските власти.

Тие не прецизираат на која локација ќе биде поставен, туку наведуваат дека во согласност со програмските принципи за урбан ред, функционалност и почит кон јавниот простор, се предвидува локацијата да биде внимателно избрана, по стручна и јавна постапка.

– Фокусот е да биде поставен споменикот на локација со јасна симболика поврзана со институционалниот развој на градот (административно, историско или урбано јадро), без нарушување на просторно-урбанистичката рамнотежа – појаснуваат од Град Скопје.

Средствата за реализација на споменикот ќе бидат обезбедени од буџетот на Град Скопје, во рамките на Програмите за култура и заштита на културно-историското наследство.

За тоа колку ќе го чини тоа Градот, оттаму велат дека буџетската рамка ќе биде јавно објавена и транспарентна, во согласност со принципите на одговорно управување, рационално трошење и јавен интерес.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ