Првпат Општина Кисела Вода, преку своето јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022 – Скопје“, започнува самостојно и континуирано собирање на пријавениот кабаст отпад на целата нејзина територија.
Од Општината велат дека досега оваа услуга се реализирала неколку пати во годината, во соработка со службите на Град Скопје.
– Отсега услугата е постојано достапна, односно секогаш кога ќе имаат граѓаните потреба. Пријавувањето за подигнување кабаст отпад може да се врши на телефонскиот број 070/288-897, и тоа од понеделник до петок, во периодот од 8:00 до 16:00 часот. По извршена пријава, екипите на општинското јавно комунално претпријатие ќе го подигнат отпадот во рок од 24 часа – потенцираат од Општина Кисела Вода.
Притоа, додаваат дека отпадот треба да биде оставен пред куќата или пред зградата.
Сите собрани количини се транспортираат и соодветно се носат во ЈП „Дрисла“, согласно со еколошките стандарди.
Може да се пријави за подигање стар мебел, врати, прозорци, душеци и друг крупен домашен отпад. Не се прифаќаат градежен шут, електронски отпад, гуми, како и опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
На телефонскиот број може да се добијат дополнителни информации, како и информации за цената на услугата.












