Зафатени тротоари, станари што постојано реагираат дека немаат место за паркирање пред зградите, па мораат да кружат со часови за некако да се снајдат и за да го паркираат својот автомобил е дел од скопското секојдневие. Ниту со зонското паркирање градските и општинските власти не успеаја да го решат овој проблем.
Како што се наближуваат изборите така сè повеќе се зборува и за проблемот со паркирањето. Кандидатите, секој за себе, нудат решенија за овој навистина горлив проблем. Но, прашање е колку ентузијазмот ќе ги држи новите власти, оти и актуелните власти се свесни дека паркирањето е проблем број еден, кој не само што не успеале да го решат и да го контролираат туку и се влошува
Постојаната урбанизација и градењето згради во Скопје без при тоа да се почитуваат урбанистичките планови, но и правила, доведоа до тоа во главниот град да има хроничен недостиг од паркинг-места.
Зафатени тротоари, станари што постојано реагираат дека немаат место за паркирање пред зградите, па мораат да кружат со часови за некако да се снајдат и за да го паркираат својот автомобил е дел од скопското секојдневие. Ниту со зонското паркирање градските и општинските власти не успеаја да го решат овој проблем.
Како што се наближуваат изборите така сè повеќе се зборува и за проблемот со паркирањето. Кандидатите, секој за себе, нудат решенија за овој навистина горлив проблем. Но, прашање е колку ентузијазмот ќе ги држи новите власти, оти и актуелните власти се свесни дека паркирањето е проблем број еден, кој не само што не успеале да го решат и да го контролираат туку и се влошува.
Градоначалникот на Центар и претендент за нов мандат, Горан Герасимовски, во една своја изјава призна дека не успеал да стави ред во паркирањето, дека е свесен дека се влошила состојбата и поради оградувањето на тротоарите, кои претходно биле узурпирани од автомобили, и дека најлошо е што дури и резидентните станари во Центар не можат да имаат свое паркинг-место.
– Ова е состојба што мора да се реши. Јас, како жител на Општината, се обврзувам и имам конкретен план како да обезбедам гарантирани резидентни паркинг- места и целосно нови паркинзи на најпроблематичните места како во Дебар Маало. Конкретно, пред Министерството за одбрана се планира катна гаража, која ќе ги ослободи тротоарите од возила. Се планираат нови паркинзи и во Буњаковец и во Капиштец – истакна Герасимовски.
Тој додава дека урбанизацијата во Центар е, исто така, голем предизвик за решавање и оти ќе продолжи да ја води битката за намалување на градбите, габаритот на зградите и за зачувување на зеленилото.
Според Планот на програми за развој за периодот од 2025 до 2027 година на Општина Центар, улицата „Мирослав Крлежа“ ќе се пренамени во пешачка зона и резиденцијална зона, со ново улично осветлување, за што Општината ја почна постапката уште во 2021 година, кога беше распишан тендер за изведувач. Улицата треба да стане пешачка на потегот од улицата „Орце Николов“ до кај кафулето „Правда“. Пренамената на улицата се спроведува на барање од граѓаните, заради воведувањето резидентен паркинг и, како што беше најавено, сите граѓани треба да добијат нова и модерна пешачка зона за рекреација, со нова урбана опрема и со ново јавно зеленило. Општина Центар, во планираниот развој во наредните две години, размислува и за намалување на проблемот со паркирањето во Буњаковец, каде што е предвидена изградба на катна гаража со подземно и надземно паркирање, инвестиција вредна дури 323 милиони денари, од кои годинава ќе се потрошат три милиони за започнување со работа, а наредната и во 2027 година по 160 милиони денари, од кои 3.000.000 денари за 2025 година за почнување со работа, средства во износ од 160.000.000 денари за 2026 година и 160.000.000 денари за 2027 година.
Од Општина Карпош тврдат дека проблемот со паркирањето не ја засега само оваа општина туку и целиот град Скопје.
– Дека е така, покажува фактот што најголемиот притисок за слободни паркинг-места го има Карпош во граничните зони со другите општини, пред сè со Општина Центар. Со воведувањето зонско паркирање во Карпош 1 и Карпош 2, ситуацијата во овие две урбани заедници значително се промени – тврдат од Општина Карпош.
Оттаму сметаат дека целосно ќе се реши проблемот во овој дел од Општината со изградба на монтажни гаражи што се предвидени со ДУП-от З 08, и тоа: кај Машинскиот факултет, која е најголемата П+6 (приземје + шест ката), со капацитет за околу 700 возила; во Карпош 2 – кај „Мида“, П+4 +ПК, за 180 возила; зад кафулето „Рузвелт“ на улицата „Рузвелтова“, П+2, со капацитет за 250 возила; меѓу полициската станица и булеварот „Партизански одреди“, П+1, со капацитет за 250 возила и кај раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ со булеварот „ 8 Септември“, П+1, со капацитет за 600 возила.
Од Општината информираат дека биле нарачани и два елабората за изградба на монтажни гаражи, по еден за Карпош 1 и за Карпош 2.
– Досега немаше можност да се реализираат овие гаражи, затоа што немаше важечки детален урбанистички план – потенцираат од Општина Карпош.
Додаваат дека во моментот, во процедура е постапка за воведување зонско паркирање кај Млечен.
– И овој реон, како граничен реон со Општина Центар, е оптоварен со возила на жители од соседната општина, како и со возила на лица што работат во Центар. И тука решавањето на проблемот беше закочено подолго време поради немањето важечки ДУП. Овој комбиниран метод на решавање на проблемите со паркирањето, најверојатно, ќе биде пресликан и во други делови од Општината каде што се утврдени поголеми проблеми. Но, секаде како најголема пречка се јавуваат „паднатите“ детални урбанистички планови – потенцираат од Општина Карпош.
Годинава, и во програмата за инвестиции на ЈП „Градски паркинг“ беше наведено дека ќе се прошири зонското и во други делови од оваа Општина.
Ваквиот вид регулирано паркирање, можеби, донекаде го намали, но никако не го реши проблемот на жителите на овие населби, каде што има стари згради без подземни паркиралишта, затоа што воведувањето зонско не создаде нови места, а на ниеден простор не е предвидено паркирање само за резидентите, нешто што, на пример, се практикува на просторот преку улицата „Рузвелтова“, во Општина Центар.
Од ЈП „Градски паркинг“, кога го воведуваа зонското, посочија дека не може да се ограничи јавен паркинг само за резиденти, па така во Карпош 1 и Карпош 2 може да се паркира секој што ќе плати 25 денари од час, колку што е тарифата во Д-зоната. За разлика од Карпош, цело Дебар Маало, на пример, односно сите улици на овој простор во Општина Центар се наменети само за паркирање на жителите.
До крајот на септември ќе започне да функционира зонско паркирање и во Реонски Центар и во Ново Лисиче, досега единствените зони во Аеродром каде што паркирањето беше бесплатно. Требаше да се воведе зонско паркирање и на територијата на Општина Гази Баба, во Автокоманда. Иако им беше претставен на жителите, проектот сè уште не е реализиран.
(А. П.)