Над 260 деца без родители денеска добија хуманитарни пакети како донација од градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, и Општина Кисела Вода.
Донацијата беше реализирана во детскиот дом „11 Октомври“, како и во приватната установа за вонсемејна заштита СОС Детско село, со цел и во деновите кога се одбележуваат божикните и новогодишните празници да им се подари радост и внимание на децата.
– Секое дете заслужува внимание, топлина и чувство дека не е заборавено. Овие празнични денови се потсетник дека заедно можеме да направиме мали, но значајни чекори, кои носат радост и насмевки, а со ваквите активности уште еднаш ја потврдуваме посветеноста на Општина Кисела Вода кон хуманоста и поддршката на најмладите, преку активности насочени кон грижата, солидарноста и општествената одговорност – изјави Стаменкоска-Трајкоска.












