„Зелен хуман град“ предупредува дека ќе се сечат 113 дрвја во Градскиот парк, според решението објавено пред 30 дена, од Секторот за комунални работи на Град Скопје, со кое се одобрува тоа.
Според тоа што го гледаат на терен, како што велат од „Зелен хуман град“, има дрвја што изгледаат здраво и затоа побарале од Град Скопје детално мапирање на секое дрво опфатено со ова решение, како и детално објаснување зошто треба да се исече секое дрво.
– Без разлика што ќе се насадат на нивно место 300 нови дрвја не помлади од шест години, замена на децениските дрвја е невозможна, и за животната средина, и за сенката, и за кислородот и за екосистемот. Затоа мора да се пристапи премногу внимателно кон секаква интервенција врз зеленилото, од кое и онака има огромен недостиг во Скопје. Животот на едно дрво нормално е да има крај (дали природен или поради лошо негово одржување), но мора многу претпазливо да се пристапи кон вака драстично менување на последната скопска оаза – Градскиот парк – сметаат од „Зелен хуман град“.
Тие, по дискусија со Секторот за комунални работи, добиле покана да ги разгледаат извештаите од шумските инженери за секое дрво и в понеделник, во 12:45 часот, да направат заедничка обиколка во Градскиот парк за да се објаснат состојбите и причините за сечење на овие дрвја.
(А. П.)