Јавниот превоз во Скопје повторно е во тотален хаос откако компанијата „Пуцко петрол“ го запре доставувањето нафта за автобусите на ЈСП, а скопјани, по кој знае кој пат, се оставени на милост и немилост, да се снаоѓаат како што знаат за да стигнат до саканата дестинација, на работа, на училиште, на лекар… Преполни постојки на кои чекаат нервозни граѓани, бидејќи автобусите ги нема никаде. Утринава, според Африм Муча од Независниот синдикат на возачи во ЈСП, состојбата била нормализирана, бидејќи, како што објасни, вчера, доцна попладнето пристигнале 18 тони нафта, кои биле распоредени во двете бази: во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Тие требаше да бидат доволни само за еден ден, а неизвесноста да продолжи и утре, но денеска пристигнале уште две цистерни нафта, што е вкупно, повторно, околу 18-20 тони гориво и ќе биде доволно само да се помине денот. Муча изјави за весникот ВЕЧЕР дека граѓаните се со право, лути се, бидејќи плаќаат месечни карти, а нема возила на располагање. И овој пат не изостанаа партиските препирки за тоа кој е виновен што е метрополата со „никаков“ јавен градски превоз, за што сè уште нема никакви информации ниту од надлежните во ЈСП
Јавниот превоз во Скопје повторно е во тотален хаос, а скопјани, по кој знае кој пат, се оставени на милост и немилост, да се снаоѓаат како што знаат за да стигнат до саканата дестинација, на работа, на училиште, на лекар… Преполни постојки на кои чекаат нервозни граѓани, бидејќи автобусите ги нема никаде. Состојба што е веќе видена и искусена и што воопшто не прилега на еден главен град.
Главниот снабдувач со гориво на автобусите на ЈСП, „Пуцко петрол“, го прекина доставувањето нафта, поради што вчера во попладневните часови дел од возилата беа повлечени во гаражите.
Утринава, според Африм Муча од Независниот синдикат на возачи во ЈСП, состојбата била нормализирана, бидејќи, како што објасни, доцна попладнето во понеделникот пристигнале 18 тони нафта, кои биле распоредени и во двете бази: во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Тие требаше да бидат доволни за само еден ден, а неизвесноста да продолжи и денеска, но денеска пристигнале уште две цистерни нафта, што е вкупно, повторно, околу 18-20 тони гориво и ќе биде доволно само да се помине денот.
Муча изјави за весникот ВЕЧЕР дека граѓаните се во право, лути се, бидејќи плаќаат месечни карти, а нема возила на располагање. Тој открива дека состојбата со нафта била кризна уште во саботата.
– Овој проблем е од поодамна. Голем срам е што земаме пари од граѓаните, а нема возила – дециден е Муча.
Тој тврди дека сега сите возила што се во возна состојба, се танкирани.
Од компанијата „Пуцко петрол“ реагираа поради објавеното соопштение на Град Скопје во кое беше наведено дека фирмата ја прекинала испораката на нафта за автобусите на ЈСП без да се нагласи долгот на ЈСП кон неа, кој, според компанијата, надминува 10 милиони евра по фактури стари повеќе од две години.
– Секој клиент што навремено ги намирува обврските, без исклучок, добива гориво согласно со договорените услови – велат од „Пуцко петрол“, нагласувајќи дека нивното работење е транспарентно и законски усогласено.
Од компанијата потсетуваат дека, како долгогодишен снабдувач, секогаш се водат од принципите на транспарентност и професионалност.
И додека граѓаните се во неизвесност дали ќе го дочекаат автобусот за да може да стигнат на работа или на училиште, и овој пат не изостанаа партиските препирки за тоа кој е виновен што е метрополата со „никаков“ јавен градски превоз, за што сè уште нема никакви информации ниту од надлежните во ЈСП.
Од СДСМ вината за тоталниот хаос и за нефункционалноста на јавниот превоз веќе четири години и за катастрофално лошата состојбата во ЈСП ѝ ја префрлаат на ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, само поради нејзината неспособност и кавгите со скопската градоначалничка, Данела Арсовска.
– Јасно е, ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, таа е најголемиот виновник за катастрофата што им се случува на ЈСП и на целиот град. Политичките пресметки се врз грбот на граѓаните на Скопје, затоа скопјани немаат превоз, немаат град. ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот на Град Скопје, но секогаш советниците ги кочат одлуките на штета на граѓаните. Управниот одбор на ЈСП, исто така, е на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ го остави Скопје без автобуси и создаде хаос во јавниот превоз. Нема ниту М од модерно Скопје. Ги нема 250. нови автобуси што ги ветуваше Мицкоски пред скопјани, а го нема ни бесплатниот превоз. Само поради тоа што им пропаднаа бизнис-зделките со Арсовска – се наведува во партиското соопштените од СДСМ.
Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Арсовска и коалицијата СДС и ДУИ за тоа што е повторно Скопје без јавен превоз.
– Данела Арсовска треба да научи дека не може да користи услуги без да ги плати. „Пуцко петрол“ е дел од ДУИ, со кои таа е во коалиција. „Пуцко петрол“ е дел од постапка за која беше и во притвор, и тоа зборува колку сака оваа власт да расчисти со таквите структури. А, од притвор го спасија менторите на Арсовска, судиите на СДС и на ДУИ. Против „Пуцко петрол“ има постапка за која ќе одговара тој. Не поминуваат детските досетки на Данела, таа треба да почне да плаќа за тоа што го троши, а не да фабрикува хаос со своите пријатели од ДУИ и од СДС – наведуваат од ВМРО-ДПМЕ.
И од паријата Левица реагираа на најавите дека Скопје повторно ќе остане без јавен превоз, изнесувајќи во јавноста детали според кои ова јавно претпријатие, преку намерни штетни договори, плаќа и поскапа нафта од онаа на пазарот и незаконски надувани камати, поради што е ставена во должничко ропство. Од партијата прашуваат дали ВМРО-ДПМНЕ сака да го приватизира јавниот превоз работејќи на штета на претпријатието и на скопјани.
– Крвотокот на градот – ЈСП уште еднаш е пред работ на ново изживување во име на профитот, овој пат од компанијата „Пуцко петрол”, кој играјќи монопол со казнени камати и камати на камати, го вовлече јавното претпријатие во должничко ропство. Во последниве четири години, додека ВМРО-ДПМНЕ ја води локалната власт во Град Скопје, ЈСП е турнато во најлоша финансиска и организациска состојба во својата историја. За тоа сведочи и динамиката со која дури тројца од четворица директори условно „дезертираа“ во само еден мандат, оставајќи целосен хаос зад себе – ненавремено плаќање кон побарувачите, сомнителни договори со истите, како и рекордни блокади од приватниците – нагласуваат од Левица.
За последните случувања со јавниот превоз, седница не свика ниту Советот на Град Скопје.
„Пуцко петрол“ ќе продолжи да го снабдува ЈСП со нафта
Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“, во телевизиска изјава рече дека неговата компанија и натаму ќе го снабдува ЈСП со нафта и покрај тоа што тоа има 10 милиони евра долг.
– Нема да има прекин на градскиот превоз. „Пуцко петрол“ ќе продолжи да го снабдува ЈСП со гориво и покрај тоа што тоа има долг од 10 милиони евра – истакна Јахоски.
(А. П.)