Илјадници верници ќе учествуваат во древниот обред на скокање по светиот крст, симбол на чистотата, благословот и на духовната обнова. Церемониите ќе се одржат во Скопје, Охрид и во повеќе градови низ Македонија, а за безбедноста ќе се погрижат спасувачки екипи, медицински тимови и полицијата. Настанот ја потсетува јавноста на крштавањето на Исус Христос и на традицијата на Водици, која трае веќе два милениуми

 

Празникот Богојавление Водици се слави од вториот век на 19 јануари и е поврзан со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. Се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе го следи благослов и среќа цела година.

Светото Богојавление традиционално се одбележува и годинава, низ цела Македонија, а верниците со верба и посветеност ќе се соберат покрај реките и езерата за да учествуваат во древниот обред – скокањето по крстот. Во Скопје, Охрид и во другите градови во земјата, илјадници граѓани ќе ја следат оваа свечена церемонија, а најхрабрите ќе се обидат да го фатат крстот, симбол на чистотата, благословот и на духовната обнова.

Овој обред е една од најзначајните верски традиции во Македонија, која го потсетува народот на Крстителот Јован и на чудесното крштавање на Исус Христос во реката Јордан. Атмосферата е исполнета со духовна возбуда, молитви и со надеж за здравје и благосостојба во претстојната година, а верниците од сите генерации со нетрпение очекуваат да ја почувствуваат магијата на богојавленската вода.

Централната манифестација, како и повеќе години наназад, ќе биде во Охрид. Празнувањето ќе започне со света архијерејска литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица Каменско“. Потоа литијата од свештеници ќе се упати кон Градското пристаниште, каде што во 10:00 часот ќе се одржи богојавленски водосвет со полагање на светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, изјави за весникот ВЕЧЕР дека сè е подготвено за празнувањето и дека годинава се очекува да влезат 1.000 капачи во водите на Охридските Езеро по крстот, а пријавувањето е преку Дебарско-кичевката епархија.

По фрлањето на крстот, веќе петта година по ред се организира музички концерт. Ќе настапи Елена Андоновска. На 20 јануари, пак, во Охрид, ќе биде прославен Денот на рибарите.

Освен во Охрид, ќе бидат положени крстови и во реката Вардар во Скопје, како и во водите во другите скопски општини и во градовите во државава. Од Македонската православна црква информираат дека е започнато пријавувањето на верниците што ќе скокаат по крстот во водите на реката Вардар и до вчера беа пријавени 61.

На празникот, в понеделник, во 9:00 часот, ќе се одржи свечена литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски, господин  господин Стефан. По завршувањето на литургијата ќе се формира литијата, која во 11:15 часот ќе се упати кон мостот „Слобода“, каде што ќе се изврши голем водосвет, а во 12:00 часот архиепископот, дедо Стефан, ќе го положи крстот во водите на реката Вардар.

Вообичаено, за да помине манифестацијата во најдобар ред и за безбедноста ќе се погрижат претставниците на Министерството за внатрешни работи, на Црвениот крст, спасувачките служби и Службата за итна медицинска помош. Претходно, пријавените учесници што ќе скокаат по крстот ќе извршат преглед во Институтот за спортска медицина.

Одбележувањето на овој голем христијански празник во Крива Паланка ќе започне со света божествена литургија во храмот „Свети великомаченик Димитриј“, по што ќе следува традиционалната црковна поворка на верниците од храмот до кејот на Крива Река. Таму ќе се изврши осветување на водите на Крива Река и фрлање на светиот крст, чин што ги симболизира Христовото крштавање, духовното прочистување и Божјиот благослов за сите учесници и граѓани.

По завршувањето на црковниот дел, на Градскиот плоштад ќе се одржи свечена празнична програма во рамките на манифестацијата „Пивтијада 2026“. Присутните ќе може да уживаат во над 4.000 традиционално подготвени пивтии, скара, греано вино, топол чај и греана ракија.

За неподготвените, влезот во студените води може да биде опасен. Руските лекари велат дека во целост не им се препорачува ова на бремените жени, поради ризикот од спазми и компликации, а децата помали од 5 години подобро воопшто да не се капат во вода на точка на мрзнење. На адолесцентите постари од 12 години, капењето им е дозволено, но само по консултација со лекар.

Тие препорачуваат постепено да се адаптира телото на студената вода, со тоа што да не се скока директно во ледената вода, да се користат техники за дишење, а по излегувањето е потребно бришење веднаш, облекување во сува топла облека и пиење топол чај (без алкохол!) или супа. Не е препорачливо капење доколку и оној што ќе учествува во трката по крстот има температура, воспаление, проблеми со срцето, бубрезите или со црниот дроб.

(А.П. – С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ