– Ќе излезе ли некој на терен да види на што се должи смрдеата на пластика или и вие, почитувани општинари, сте соучесници во тоа? Не е нормално ова, цела недела смрди, ни ги отрувте децата! – коментираат револтираните граѓани, кои бараат надлежните да преземат радикални мерки. По реакциите на многу граѓани, се огласи градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој информираше за мерките што ги презема Општината и за активностите што ќе следуваат за да се надмине алармантната состојба, односно, како што призна самиот, за евидентираното значително загадување на воздухот
Речиси една недела неподнослива смрдеа на запалена пластика и метал се шири на територијата на Општина Гази Баба. Жители на населбите Маџари, Ченто, Автокоманда, Железара, Хиподром се жалат дека не може да излезат од своите домови и дека, на жештината, мора да седат внатре, со затворени прозорци. Тие реагираат дека никој досега не излегол да каже од што е смрдеата.
– Ќе излезе ли некој на терен да види на што се должи смрдеата на пластика или и вие, почитувани општинари, сте соучесници во тоа? Не е нормално ова, цела недела смрди, ни ги отрувте децата! – коментираат револтираните граѓани.
Тие се подготвени дури и да протестираат, бидејќи, како што велат, наместо да уживаат навечер во своите дворови, се пикаат дома. Загрижените жители прашуваат на социјалните мрежи: Кој пали? и бараат да се преземат радикални мерки.
Со своја реакција излегоа и „Зелените од Гази Баба“.
– Цела недела граѓаните се трујат, децата не може да дишат, а градоначалникот, советниците, општинските служби никаде ги нема да јават со соопштение. Во ваква состојба, веднаш треба да излезат повеќе општински и градски служби да испитаат за што се работи. Треба да им се даде препорака на граѓаните што треба да прават во вакви случаи. Ова е крајно несериозно и ако не реагираат општинарите, време е за протест – велат од „Зелените од Гази Баба“.
По реакциите од многуте граѓани на „Фејсбук“, се огласи градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој информираше за мерките што ги презема Општината и за активностите што ќе следуваат за да се надмине алармантната состојба, односно, како што призна самиот, за евидентираното значително загадување на воздухот.
– Од првиот момент кога ја регистриравме оваа состојба, го задолжив Секторот за инспекциски работи да почне со вонредни инспекциски контроли во засегнатите делови. Целта беше јасна: откривање на изворите на загадување и санкционирање на прекршителите – напиша Стефковски.
Тој додаде дека биле изречени глоби и биле изготвени записници за повеќе физички лица за кои постојат докази дека го прекршиле Законот.
Освен тоа, Стефковски најави пакет конкретни мерки и активности што ќе почнат да се спроведуваат веднаш. Ќе има мобилен пункт на Вардариште, односно секој ден од 8:00 до 22:00 часот, инспектори од Секторот за инспекциски работи ќе бидат стационирани на дивата депонија за да има постојан надзор и за да се спречи понатамошно прекршување. При тоа, нагласи дека Општината испратила официјално барање за организирање мешани патроли на терен до сите надлежни институции за заедничко откривање и санкционирање на изворите на загадување во соработка со Град Скопје и МВР, но и најави дека ќе биде поднесена кривична пријава по член 218 од Кривичниот законик против непознат сторител, до Основното јавно обвинителство.
– Бараме ОЈО да започне предистражна постапка. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од 4 до 10 години – истакна Стефковски.
Покрај тоа, тој додаде дека е отворена и телефонска линија за пријавување прекршување на Законот од страна на граѓани – 075 346 932, во Секторот за инспекциски работи, но и нова линија за контакт со неговиот кабинет – 075 346 938 за секој што има информација за можен прекршител на Законот.
При тоа, Стефковски ги повика сите граѓани да соработуваат, односно доколку имаат информација за причинителите на загадувањето, да пријават.
– Ниту сум правел ниту ќе правам компромис со оние што го кршат Законот. Загадувањето е кривично дело – тоа е напад врз нашето здравје. Тој воздух го дишам и јас, како и моите две деца – дециден е Стефковски.
Тој уверува дека ќе направи сѐ за да се откријат и казнат виновниците и апелираше до сите граѓани и институции да се обединат во оваа борба.
На прашањето дали се запознати со состојбата, од Град Скопје одговорија дека ги имаат преземено сите мерки во своја надлежност.
– На неделно ниво има над 40 изречени глоби за сторители – велат градските власти.
(А. П.)