ДРАГАН НИКОЛОВСКИ, КАНДИДАТ НА ГРУПА ИЗБИРАЧИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ГРАД СКОПЈЕ: Референдум за Скопје да го врати старото име Скупи

Весникот ВЕЧЕР во наредниов период ќе објави серија интервјуа со кандидатите за градоначалник на Град Скопје, при што поканите да одговорат на нашите прашања беа испратени до сите кандидати. Целта е тие да ѝ ги претстават на јавноста своето видување за најактуелните проблеми на македонската метропола и својата визија за нејзиниот иден развој. Денеска ви го претставуваме Драган Николовски, кој првпат се јавува во улога на кандидат за градоначалник, во име на група избирачи.

98
По четири години, градот и жителите ќе бидат опслужувани од едно јавно комунално претпријатие, кое ќе ги обедини постојните јавни претпријатија, а ќе има и градски воз со најмалку четири линии, четири нови булевари, четири милиони нови зелени садници и наместо 10 општини, ќе има 50 кварта

 

Државниот службеник Драган Николовски првпат се јавува во улога на кандидат за градоначалник, во име на група избирачи. За себе наведува дека има тридецениско искуство во спроведувањето информатичко-технолошки проекти, дека работел и во филмската и во телевизиската продукција и дека им помага на сите што му побарале помош, колку што може. Тоа искуство му е основа да побара поддршка од граѓаните за да го води Градот Скопје во наредните четири години, а за кој нуди бројни проекти.

Како би ги опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по четири години доколку ја добиете довербата од граѓаните?

– Градот, по четири години, би го опишал како многу посветол, почист, побезбеден и со многу посреќни луѓе, кои се почитуваат меѓу себе и кои го почитуваат градот во кој живеат или привремено престојуваат. По четири години, градот и жителите ќе бидат опслужувани од едно јавно комунално претпријатие, кое ќе ги обедини постојните јавни претпријатија, вклучувајќи го и АД ГЕС (Градски енергетски системи), заедничко претпријатие во кое, освен државата и Градот, право на удели ќе имаат и граѓаните на Македонија, мој проект АД „Компас“. По четири години, градскиот превоз ќе биде ослободен од застои, јавниот градски превоз ќе е многу поволен, градот ќе добие градски воз со најмалку четири линии. Многу ќе се вложи во инфраструктурата, подземната и надземната, со изградба на четири нови булеварски решенија и на четири моста. Некои од булеварите ќе добијат дополнителен кат, додека битните раскрсници ќе се решаваат со повеќе нивоа. За четири години, градот ќе добие нови четири милиони зелени садници, многу зелени покриви и зелени катови и тераси на зградите. За четири години ќе поднесам законски иницијатива градот наместо 10 составни општини да се состои од 50 кварта и градски совет, наместо избрани советници, во градскиот совет ќе влезат избраните управители на квартовите, кои соодветно ќе се борат за интересите на своите сограѓани, но и за интересите на градот воопшто. Со ова решение ќе се намали бројот на администрација, а многукратно ќе се зголеми нејзината ефикасност. Градот ќе добие втор аеродром (Стенковец) за регионален патнички сообраќај и експресни железнички линии до градовите од соседните држави.

Сите почнати, но недовршени капитални инвестиции, и од проектот визија СК14 и од претходно (панорамско тркало, лунапарк, транспортен центар и др.), соодветно ќе се завршат. Жителите ќе бидат прашани дали да го врати градот старото име Скупи/Skupi.

Јавниот превоз е проблем број еден во градот ако се гледа на него во поширока смисла и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето. Кога последен пат влеговте во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавен превоз во градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?

– Во визијата на Кензо Танге, градот бил димензиониран за 400-450 илјади жители, соодветно на тоа и габаритите на сообраќајниците и објектите, но ,во меѓувреме, бројот на жители е многу пораснат, а во текот на работните денови во градот доаѓаат голем број луѓе за извршување најразлични активности, поради што е неопходно и нужно редизајнирање на постојните булеварски решенија и решенија за крстосници на повеќе нивоа, спроведување на БРТ-концептот со 6 до 10 линии и оптимизација на линиите на градскиот превоз, но и имплементација на алтернативни видови превоз. Превозот на ученици ќе се одвои од другиот јавен превоз на патници. Возрасните би имале бесплатен превоз и наместо сегашните вторник, петок, сабота, недела – секој работен ден од 9:00 до 13:00 ч. и по 18:00 часот. За БРТ-концептот, државата и Градот имаат потпишано договор со Европската банка – 70 милиони евра и, секако, во соработка со Владата, Министерството за транспорт и врски од буџетски средства, како и во соработка со Владата на Обединетото Кралство, преку риволвинг кредитот. Да, често го користам јавниот превоз и немам некои посебни забелешки во однос на услугата и покрај ограничените ресурси со кои се соочува ЈСП (да не заборавиме дека ЈСП ќе биде дел од АД „Компас“). Патем, ЈСП е, можеби, најголемата бензинска пумпа во државата, која сметам дека може да добие лиценца и самостојно да увезува гориво. Двокатните автобуси, дел од СК14, се веќе дел од обележјата на градот за негово светско препознавање и потребно е да се задржи овој ретрооблик на дел од новонабавените автобуси.

Скопје со години е на светската мапа по загадениот воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?

– Четири милиони зелени садници ќе придонесат за почист воздух, Зелениот катастар редовно ќе се ажурира. Градот ќе добие и четири когенеративни централи за електрична и за топлинска енергија за обезбедување затоплување на домовите преку централни системи. Доследно почитување на еколошките стандарди во градбата. Градбите што се изградени пред земјотресот, би требало да се заменат со нови, според новите стандарди и со удвоена катност. Зелените покриви и катови во зградите ќе бидат задолжително архитектонско решение. Со оглед на обединувањето на сегашните ресурсите од општините, вклучувајќи ги и инспекциските служби, надзорот на загадувањето и на загадувачите ќе стане многу поефикасен.

Имате ли лек за дивите депонии во градот? Како гледате на решението за депонијата „Вардариште“, која скопјани ја поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?

– Само е потребно доследно почитување на законските решенија и, секако, постојат веќе изготвени студии за кои треба да се собере храброст и да се имплементираат. Секако, основа е селекцијата на отпадот, почнувајќи во домовите, канцелариите, халите, работилниците, маркетите итн., до формирање фабрики за отпад на повеќе локации, каде што селектираниот отпад дополнително би се преработувал. Во „Дрисла“ треба, конечно, да проработи предвидената фабрика за секундарна селекција и преработка на „отпадот“, каде што би се вработиле голем број вработени, но и современи системи за автоматска селекција и преработка на „отпадот“.

Јавната хигиена е еден од клучните проблеми во градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба да се смени концептот на градските јавни претпријатија и на кој начин би се извело тоа?

– Точно, но во јавната хигиена има повеќе чинители покрај ЈП-КХС , кои морам да признаам дека се вистински херои, но и не може да постигнат колку што можеме да направиме ние „одпад“, и тоа најчесто отпад од амбалажа, кој може да се рециклира. Стабилниот систем за примарна и за секундарна селекција на отпадот и едукацијата на луѓето се многу битен елемент и, секако, тука се и репресивните мерки. Треба да ги следиме позитивните светски примери и да ги спроведеме во градот. Меѓу првите чекори во облик на мои извршни наредби ќе бидат потпишување и обнова на договорите на КХС со корисниците на услугите, но и договор на КХС со општините за управување со контејнерите и со кантите за примарна селекција на отпадот, добиени од МОЕПП во 2023/2024 година. Со „Компас“ е предвидено да се преземат и посебно формираните општински комунални претпријатија.

Како ќе го решите проблемот со бездомните животни, оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?

– Проблемот со бездомните животни во Скопје, особено со кучињата и со мачките, но и со другите животн, е хроничен, чувствителен и бара систематско, хумано и одржливо решение. Иницијативите на поединци и на здруженија се херојски, но не може сами да го решат проблемот. Еве како би изгледал ефикасниот план: воведување комунална такса од минимални 100 денари месечно на сметката за смет за „благосостојба на градските миленици“, секако и на уличните, но и на домашните кучиња и мачки; со собраните средства ќе управува „Лајка“, обезбедувајќи соодветен третман на уличните животни, но и основен здравствен третман на домашните миленици преку партиципација за услугите во „Лајка“ или кај договорени ветеринарни амбуланти. Чипирањето и ветеринарните прегледи на милениците, улични и домашни, ќе се спроведуваат во краток рок, во една робусна акција и ќе бидат покриени од „Лајка“. Другите основни ветеринарни третмани кај домашните миленици ќе бидат со партиципација кај „Лајка“ и кај ветеринарните амбуланти и станици што ќе склучат договори со „Лајка“. Ќе се формира и јавен регистар на градски миленици. Мобилни тимови ќе ги проверуваат животните за чипирањето и ќе едуцираат и опоменуваат, но и овластени редари ќе казнуваат. Потребно е зголемување на капацитетите на „Лајка“ во простор, но и со основни ресурси (кадар, основни средства итн.), а треба да се размисли и за место за погребување на пцовисаните животни.

Младите сè почесто се иселуваат. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во градот?

– Еден е рестартирање на комплексот „Езеро Треска“ со темелна реконструкција, рестартирање на Аквапаркот, формирање повеќе патеки за мотоспортски активности, основање пет градски дискотеки и осум кабаре-клуба под капата на МКЦ, изработени по сите потребни безбедносни и соодветни стандарди. Киното „Култура“ ќе биде ново градско кино. Отворени кина, градски плажи на реката Вардар. Укинување на задолжителното средно образование и укинување на државното финансирање на високото образование по сите основи, истовремено поттикнување на приватното финансирање на образованието на сите нивоа.

Имате ли тајна формула за обнова и за рехабилитација на Лунапаркот и на Зоолошката градина?

– Нема некоја тајна формула, работа и посветеност, рехабилитација на „Динопаркот“, довршување на почнатиот процес на градба на Лунапаркот и монтирање на реквизитите (кои, според некои непотврдени информации, веќе се набавени и стојат во магацини?).

Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?

– Погребувањето на блиските е многу тажно, но е дел од животот на секого, „Бутел (град)“ е „пренаселен“ и има просторен проблем, поради што се и високите цени, покрај неговата монополската позиција. Но, потребно е и подомаќинско работење на претпријатието. Ќе мора да се обезбеди и соодветен простор на некоја локација, која треба да има и одредени специфични карактеристики пропишани со соодветните здравствено-санитарни протоколи.

Која од досега изнесените идеи на Вашите противкандидати најмногу ви се допадна и дали ќе ја преземете во програмата? Дали ќе има место во Вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, и за нив?

–  Не се противкандидати, сите ние сме учесници во изборниот процес за избор на иден градоначалник на градот за што ќе одлучат граѓаните. Како независен кандидат, можам да преземам некоја од визиите на другите ученици во изборниот процес, но, секако, би направил и анализа на понудите за визиите на градот од претходните два изборни циклуса, некои делови се нереализирани и може да се продолжат. Да не ги заборавиме и програмите за развој на општините во претходните два изборни циклуса, каде што имаше одлични проекти што треба да се реализираат, а ќе им бидат од корист на жителите на градот. Уште во првите денови од мандатот, ќе ги повикам сите претходни  градоначалници на градот и на општините на градот и сегашните учесници во овој изборен процес да бидат дел од „советот“ на градот.

Наместо 10 општини, 50 кварта

Во следниот мандат, Советот на Скопје треба да го донесе новиот генерален урбанистички план. Со кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП, кон кои подрачја треба да се шири градот? На кои принципи треба да се темелат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистичките проблеми?

– Со предвидената промена на организацијата на градот во 50 кварта, урбанистичкиот хаос настанат со неусогласеноста и со непочитувањето на ГУП и на ДУП-овите од општинските урбанистички планери, би требало да се надмине овој проблем. Основа на ГУП треба да е визијата за градот на Кензо Танге, населбите треба да се шират кон север, на посончевата страна на градот. Деталните урбанистички планови треба да се усогласуваат со Генералниот урбанистички план, секако. Градот ќе добие и нов сектор за справување со дивоградбите, јас би го нарекол Ц4, иако Законот за градба предвидува и аквизиција на дивоградбите во посед на државата и нивна прераспределба. Градот ќе им биде партнер на инвеститорите било да се тие индивидуи било да се корпорации во изнаоѓањето соодветни локации за градби, но и посредник при прометот на недвижностите. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ