Здружението „Новинари за човекови права“, на 20 декември, организира новогодишен базар, кој ќе се одржи во Дневниот центар „Гнездо“, од 12:00 до 20:00 часот.
– Ќе уживаме во празнична атмосфера со повеќе од 10 занаетчиски тезги, целодневна музичко-сценска програма, како и доделување благодарници за сите компании кои досега нè поддржаа. А, за најмалите, организираме аниматори, кловн, маскоти и многу изненадувања – најавуваат организаторите.

Воедно, од ова здружение организираат новогодишна акција за децата што доаѓаат во Дневниот центар „Гнездо“.
– Секое дете си напиша по три желби во писмото до Дедо Мраз. Толку скромни, толку човечки, толку детски. Ја водиме кампањата онлајн. Со надеж. Со верба. Со срце – велат од здружението „Новинари за човекови права“. Тие го покануваат секој што сака да усреќи некое од дечињата да избере едно писмо, да одбере подарок и да му го подари, причина повеќе, како што велат, тоа да верува во добрината.
Донациите можат да се донесат во Дневниот центар „Гнездо“ или на новогодишниот базар на 20 декември.
Подароците треба да бидат со назнака за кое дете се однесуваат.












