На средбата од „Стоп за Вардариште“ ги канат и сите сограѓани кои чувствуваат загриженост и одговорност. – По непрекинатото самоорганизирање во изминативе денови, подготвени сме да обезбедиме простор за дискусија во која одговори како „не е наша надлежност” ќе бидат оневозможени и отфрлени како недоволни и каде што наместо тоа, сите заедно ќе инсистираме на наоѓање трајно и хумано решение за овој децениски проблем опасен по нашите животи – децидни се од граѓанската иницијатива. Доколку нема одѕив од ниту една друга институција освен од Општина Аеродром, тие се подготвени да ги засилат блокадите
Членовите на граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ продолжуваат со протестите против загадувањето поради постојаното палење на поранешната депонија „Вардариште“. Ним им се придружи и в. д. градоначалникот на Општина Аеродорм, Дејан Митески.
– Навистина ни е мило што в. д. градоначалникот на Општина Аеродорм, Дејан Митески, единствениот од институциите кој се одѕва на барањата на „Стоп за ’Вардариште’“, изрази желба за соработка. Но, сакаме тоа да го видиме докрај – со трајно решение за „Вардариште“. Затоа, продолжуваме секој ден да вршиме притисок – велат од „Стоп за Вардариште“.
Тие додаваат дека утре, по негова иницијатива, сите надлежни ќе бидат повикани на блокадата во 7:30 часот, за да споделат пред медиумите: што ќе се направи и кога точно ќе се направи.
– Присуството на градоначалникот ни дава надеж, но блокадите продолжуваат се до исполнување на нашите барања – децидни се од „Стоп за Вардариште“.
Тие утре за време на утринскиот протест во 7:30 часот на раскрсницата пред мостот „Близнаци“ (во близина на парк „Авионче“ во Ново Лисиче), ќе одржат прес-конференција заедно со Митески.
Од „Стоп за Вардариште“ се надеваат дека на прес-конференцијата ќе им се приклучат и останатите институции кои се поканети од нив и од Митески.
Во саботата утрината, заедно со Митески, членовите граѓанската иницијатива ја посетија депонијата „Вардариште“, но оттаму добиле објаснување дека немаат соодветна дозвола да направат увид во самата депонија која ја обезбедува полицијата.
– Го изразивме нашето разочарување што немало поголема соработка меѓу институциите за да ни се обезбеди дозвола за посета по речиси еден месец протести, особено што посетата се случи на покана на самиот градоначалник како претставник на институциите. Порачавме дека партиските несогласувања и пресметки не треба да бидат причина за дисфункционални институции. Институциите мора да комуницираат и да се координираат без разлика на тоа од која партија доаѓаат функционерите – соопштија од „Стоп за Вардариште“.
Тие однадвор забележале противпожарно возило и полициско присуство што обезбедува, но само од страната на ЈП „Лајка“, додека на другиот крај, од каде што исто така може кој било да пристапува, немало распоредено единици, но имало купишта железен отпад.
– Депонијата нема ограда и видовме само една единствена рампа од страната на ЈП „Лајка“. Во моментот на нашето пристигнување немаше беспилотно летало што надлетуваше, но по десетина минути забележавме едно вертикално подигање и спуштање на беспилотно летало – објаснуваат од „Стоп за Вардариште“.
Оттаму додаваат дека на посетата на „Вардариште“, за жал, не дошол ниту еден претставник од останатите институции, иако биле уредно поканети од страна на иницијативата.
– Штом институциите не можат да комуницираат по законски утврдените патишта, а макар и по партиска линија, иницијативата „Стоп за Вардариште“ јавно ги повикува надлежните на останатите релевантни институции (до кои веќе се обративме со барања и останавме без одговор) да ни се приклучат во понеделник, во 7:30 кај мостот „Близнаци” и да ни ги презентираат конкретните мерки кои ќе бидат преземени веднаш, а не по локалните избори. Освен до Општина Аеродром, барањата беа доставени до Општина Гази Баба, Град Скопје, министерствата за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи, за социјална политика, демографија и млади, до претседателката на Македонија, како и до Владата – велат од „Стоп за Вардариште“.
На средбата Од „Стоп за Вардариште“ ги канат и сите сограѓани кои чувствуваат загриженост и одговорност.
– По непрекинатото самоорганизирање во изминативе денови, подготвени сме да обезбедиме простор за дискусија во која одговори како „не е наша надлежност” ќе бидат оневозможени и отфрлени како недоволни и каде што наместо тоа, сите заедно ќе инсистираме на наоѓање трајно и хумано решение за овој децениски проблем опасен по нашите животи – децидни се од граѓанската иницијатива.
Доколку нема одѕив од ниту една друга институција освен од Општина Аеродром, тие се подготвени да ги засилат блокадите.
(А. П.)