Тимот за спасување на планина на Црвениот крст на Град Скопје преку целата година има полни раце работа, особено во зимскиот период, кога незгодите се почести. Најчести им се повиците од паднати велосипедисти, кои возат „даунхил“ по стрмните падини на Водно. Дел од овој тим ентузијасти е Елмедина Сехратлиќ, која, во своето десетгодишно волонтирање, учествувала во повеќе интервенции, полесни и потешки. Таа се сеќава на еден случај од минатата зима, на една од најстрмните патеки на Водно. Млад велосипедист, на возраст од 14 години, паднал и се здобил со повреда на нозете. За среќа, не станувало збор за скршеница. Дека велосипедистите што ги користат планинарските патеки претставуваат проблем, потврдуваат и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. – Постојано имаме повредени велосипедисти. Се работи за деца со бесни велосипеди – велат од Федерацијата. Освен тоа, планинарите се жалат и на тоа што никој не се грижи  за одржувањето на маркираните планинарски патеки, па планинарските друштва се принудени самите да го прават тоа 

Тимот за спасување на планина на Црвениот крст на Град Скопје преку целата година има полни раце работа, особено во зимскиот период, кога незгодите се почести. Најчести им се повиците од паднати велосипедисти, кои возат „даунхил“ по стрмните падини на Водно.

Дел од овој тим ентузијасти е Елмедина Сехратлиќ, која, во своето десетгодишно волонтирање, учествувала во повеќе интервенции, полесни и потешки.

Таа се сеќава на еден случај од минатата зима, кога, на една од најстрмните патеки на Водно, паднал млад велосипедист на возраст од 14 години, кој се здобил си повреда на нозете. За среќа, не се работело за скршеница.

– По соодветната дадена помош на местото, велосипедистот беше донесен до асфалтниот пат на Водно, од каде што го презеде Итната медицинска помош – раскажува Елмедина.

Таа додава дека повремено добиваат и повици „надвор од работното време“, односно надвор од нивниот редовен ангажман, кој се однесува на загубени лица.

– Една таква интервенција имавме и летово, кога добивме повик за дехидрирана девојка. Таа се нашла на патека од Средно Водно кон Милениумскиот крст, но поради дехидрираноста, се дезориентирала и не можела да продолжи понатаму. Одговорниот и три лица од тимот, по добиените ориентациски податоци, ја пронајдоа оддалечена од патеката. Покрај дехидрираноста, тие потврдија дека нема други повреди, па, по давањето вода и електролити, безбедно ја придружија до возилото на Црвениот крст, по што им беше предадена на членовите на семејството – ги пренесува Елмедина случувањата што се дел од нејзиното секојдневие.                                             .

Таков бил и повикот на 27.9.2025 година, кога добила задача од одговорниот на Тимот за спасување на планина да воспостави контакт со лице што пријавило дека се загубило на планинската патека од Милениумскиот крст кон кањонот Матка.

– Стануваше збор за две туристки од Португалија, кои поради недоволна ориентација на теренот, се оддалечиле од одбележаната патека. Првичниот контакт го воспоставивме околу 17:15 часот, кога добив локација и претстава каде се наоѓаат. Откако добив информации дека не се повредени и со оглед на локацијата на која се наоѓаа во моментот, проценив дека најбрза и најдобра опција ќе биде да продолжиме со телефонската комуникација и на тој начин да ги доведам  до крајната дестинација. Преку континуирано насочување и следење на локацијата, успешно и безбедно ги вратив на патеката што води кон кајакарскиот мост на Матка. Околу 18:20 часот, ме информираа дека пристигнале до мостот и дека сретнале други луѓе – вели Елмедина.

Таа додава дека, за неа како парамедик, најважно било тоа што не биле повредени девојките, туку само гладни и изморени, што било и очекувано.

– Подоцна, вечерта, околу 21:00 часот, повторно контактирав со нив за да потврдам уште еднаш дека се безбедни и стоплени, односно дека сè е во ред. Со ова, уште еднаш си потврдивме како тим дека сме подготвени да реагираме во секаква ситуација и дека ќе се обидеме на секој начин да ја укажеме помошта што е потребна во моментот – потенцира Елмедина, која наведе дека е горда што е дел од таков тим.

Тимот за спасување на планина има две спасувачки станици, едната на Водно – „Даре Бомбол“ и другата на Матка – „Димитар Боцевски“.

Станицата на Водно функционира од 2005 година, со поддршка на Град Скопје. Таа работи за викендите, а дежураат двајца волонтери за спасување на планина, кои воедно се парамедици или лекари.

Годишно, волонтерите од оваа станица интервенираат во 80 до 150 случаи, во зависност од временските услови.

Граѓаните што имаат незгода на Водно може да се јават во спасувачката станица, од 10:00 до 17:00 часот или на телефонскиот број 072 298  765.

Како што истакна  Арѓенд Чиљафи од Тимот за спасување на планина, тие имаат извонредна соработка со Центарот за управување со кризи, со Министерството за внатрешни работи и со Службата за итна медицинска помош.

Дека велосипедистите што ги користат планинарските патеки претставуваат проблем, потврдуваат и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

– Постојано имаме повредени велосипедисти. Се работи за деца со бесни велосипеди – велат од Федерацијата.

Освен тоа, планинарите се жалат и на тоа што никој не се грижи за одржувањето на маркираните планинарски патеки, па планинарските друштва се принудени самите да го прават тоа.

– Последниот снег, придружен со силен ветер, направи хаос речиси низ цела Македонија, со кршење гранки и цели дрвја покрај патеките по кои се движиме. Така е и со Водно и со Скопска Црна Гора. Патеките на Водно, кои се во шумски појас, повеќето од страната на градот, се доста оштетени, оштетен е дел од Спирова патека во делот над Бродец – реагира Дејан Вељанов од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, кој е искусен планинар.

Нагласува дека во вакви ситуации треба да се избегнуваат патеките што поминуваат во густ шумски појас и да се користат повеќе патеките што поминуваат покрај ливади или, пак, оние што поминуваат низ широк земјен пат.

Тој додава дека, освен почетното маркирање и средување на патеките, потребно е редовно одржување во рок од неколку години, за што претходно треба да се направи договор за тоа со општината.

– Најповикани за тоа се Агенцијата за поддршка и развој на туризмот и Министерството за животна средина и просторно планирање. Засега, планинарските клубови сами ги одржуваат постојните патеки, но тоа не е решение. За таа работа, треба поголема ангажираност, може и од фирми што ќе го прифатат тоа или самата општина да најде изведувач – смета Вељанов.

Тој вели дека во последно време сè потешко оди одржувањето на патеките, бидејќи повеќето планинари се рекреативци, кои сакаат да се движат, но и затоа што нема средства.

Симон Симоновски, претседател на Комисијата за планинарски патеки при Федерацијата на планинарски спортови, вели дека има многу празнини во Законот за планински патеки.

– Според Законот, би требало секоја патека што е влезена во регистарот на планинарски патеки (национален и локален) да има свој домаќин. Но, за да се оствари тоа, државата треба да обезбеди буџет. Конкретно, за Водно е надлежен Град Скопје, односно ЈП „Паркови и зеленило“. Ние немаме такво овластување. Работиме по предложен елаборат од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое треба да одобри одредена патека за маркација. Нашата надлежност е насочена кон образувањето кадри – „маркацисти“, кои во одреден период понатаму би работеле на маркација на патеките. Клубовите имаат генерално програми за маркација одобрени од Министерството за образование. Ние на две години викаме „маркацисти“ и вршиме нивна обука – објаснува Симоновски.

Тој додава дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која водела регистар за планинарските патеки, сега треба да направи измени во Законот за планински патеки, но тоа виси, бидејќи, како издвоена агенција, таа повеќе не постои, туку е во рамките на Министерството за култура и туризам. Досега, според Законот за планински патеки, таа била надлежна за уредување на планинските патеки што се дел од националната мрежа на планински патеки, додека планинските патеки што се дел од локалната мрежа на планински патеки ги уредуваат општината и Градот Скопје, согласно со овој Закон.

Во врска со планинарските патеки на Водно, од ЈП „Паркови и зеленило“ одговорија дека откога паднал снегот на Водно, нивни екипи работеле на расчистување на патиштата според приоритетот.

– Па така, најпрво се чистеше главниот пат од „Панорама“ до Средно Водно, потоа од Средно Водно до Крстот и од јужната страна до Крстот, за овозможување градежните фирми да носат материјали кон врвот. Во наредниов период, ќе пристапиме кон расчистување на патеките за планинарење – велат од претпријатието.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ