Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг ги повика граѓаните почесто да јадат во ресторани како дел од иницијативата за зголемување на домашната потрошувачка, соопшти неговиот кабинет.
Ли во саботата вечераше во ресторан во центарот на Сеул со членови на својот персонал во обид да ги поддржи малите ресторани и локалните трговци кои се соочуваат со пад на потрошувачката, објави „Јонхап“, пренесува „Танјуг“.
„Лично се надевам дека граѓаните ќе ги посетат блиските ресторани за да ги поддржат овие бизниси, што пак ќе придонесе за заживување на локалната економија и ќе биде чекор кон посветла иднина за Јужна Кореја“, рече Ли на социјалните медиуми.
Иницијативата доаѓа во време кога земјата се подготвува да дистрибуира еднократна парична помош за сите граѓани од 21 јули за да ја поттикне потрошувачката. Износот на помошта е речиси 100 евра по лице и варира во зависност од приходите на домаќинствата.
Ли претходно им нареди на високите службеници да подготват мерки за максимизирање на ефектите од исплатата, што е дел од дополнителен буџет како дел од поширок пакет за економски стимул.