Советот на Општина Гази Баба на вчерашната седница донесе одлука за начинот на применување на ДУП-овите во просторот на Градска четврт ССИ 09 – Автокоманда. Со оваа Одлука се прекинуваат сите постапки доставени преку системот е-дозволи за подготвителни работи и издавање решенија за градба.
Одлуката е донесена на иницијатива на градоначланикот Бобан Стефковски и се однесува исклучиво на територијата опфатена со деталните урбанистички планови во оваа четврт и со неа не се опфатени барањата за реконструкција или адаптација.
– Ќе важи во времетраење од една година од денот на нејзиното донесување. Во просторот на Градска четврт ССИ 09 – Автокоманда, во изминатиот период беше дозволена изградба на нови објекти и надградба на постојни станбени згради согласно со важечките Детални урбанистички планови. Со ова значително се зголеми бројот на жители, а со тоа и притисокот врз водоводната мрежа, јавниот паркинг и квалитетот на живот во населбата – сподели Стефковски.
Според него, ова е чекор кон хумана урбанизација и подобар животен стандард за жителите.
– За нешто што се случувало години наназад, јас не можам ништо да направам за тоа да се промени. Факт е дека не се размислувало за последиците, но исто така е факт дека сите постапки за градби се со согласност од страна на жителите на соодветните згради. Оваа Одлука е донесена по направена анализа и во вистински момент. Последиците од неодговорното урбанистичко работење во минатото ги чувствуваме денес, затоа она што го превенираме денес, ќе донесе резултати во иднина – додава тој.