Мислењето за нацртите на Законот за јавното обвинителство и на Законот за Советот на јавните обвинители, кои на барање на министерот за правда, Игор Филков, го даде Венецијанската комисија, содржи исклучително корисни коментари и забелешки во насока на подобрување на текстовите и на системот воопшто, изјави за весникот ВЕЧЕР професорката Александра Деаноска-Трендафилова. Како претседателка на работната група, вели дека при изготвувањето на нацрт-текстовите се воделе од целите и од рамката на Реформската агенда, акцискиот план на Развојната секторска стратегија за правосудството, препораките на ГРЕКО за дисциплинската одговорност на јавните обвинители и меѓународните стандарди.
Со оглед на значењето на темата, освртот на професорката Деаноска-Трендафилова ви ги пренесуваме интегрално.
– Венецијанската комисија даде позитивно мислење за двата нацрт-закона, како и препораки за надминување на одредени нејаснотии и недостатоци, но во заклучоците од Мислењето констатираше дека „дел од овие недостатоци… не може да бидат адресирани со овие закони. За тоа ќе бидат потребни уставни измени“. Оттука, забелешките кои се однесуваат на прашањата уредени со Уставот ќе бидат земени предвид при некоја идна реформска активност која би опфатила и уставни измени. Како комисија се обидовме да го постигнеме максимумот во рамки на утврдените цели, од една страна, и, актуелните уставни решенија, од друга страна. Препораките кои не се врзани со уставни измени ќе бидат сериозно земени предвид од страна на работната група за нивно вградување во соодветните одредби од нацрт-законите во најскоро време.
Венецијанската комисија посебно ја поздрави интенцијата за деполитизација на процесот на избор на јавниот обвинител на РСМ колку што е тоа можно, преку професионалниот придонес на Советот во оценката на квалификациите на кандидатите, како и решението, Владата да може да предложи јавен обвинител на РСМ само од кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.
Во врска со одделни конкретни препораки, на пример, во врска со основите за разрешување на членовите на Советот, како и на оние за разрешување на јавниот обвинител на РСМ се предлага тие да се допрецизираат, било во самиот закон или во дополнителни коментари на законот, со цел да се избегнат произволни толкувања.
Одредбите во врска со дисциплинските прашања беа високо позитивно оценети и беше наведено дека претставуваат „добро структурирана рамка што ја балансира одговорноста со независноста на Обвинителството“ и беше укажано кои основи би требало да се допрецизираат.
Што се однесува до „добивањето на две последователни негативни оцени на јавниот обвинител“ како дисциплинска повреда која потенцијално може да доведе до разрешување, сакам да појаснам дека Венецијанската комисија препорачува овој основ да не претставува дисциплинска повреда, туку посебна категорија. Притоа се констатира дека „…јасно е дека обвинителите кои од која било причина не успеваат правилно да ги извршуваат своите задачи, не треба да продолжат да работат во Јавното обвинителство“, но ова треба да е засебен основ (различен од дисциплинските повреди) кој би довел до разрешување, односно до прекин на мандатот на јавниот обвинител.
Апелирам мислењето и препораките да се читаат правилно и целосно во контекст на објаснувањата кои се дадени во самиот текст и јавноста соодветно да се информира за нив во поглед на содржината и со прецизна и точна терминологија, со цел граѓаните да бидат правилно запознаени со нивната содржина“.
Како што веќе објави весникот ВЕЧЕР, препораките на Венецијанската комисија се јавниот обвинител да се избира и да се разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието и мандатот да е без можност за повторен реизбор. Освен тоа, Комисијата препорачува во критериумите за позицијата јавен обвинител да се вметнат и менаџерските и организациските вештини, како и да се бара Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на јавниот обвинител.
„Со оглед на важноста на прашањата за автономија и релативна независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува пред сè, во контекст на идна уставна реформа, Уставот да се измени во овие точки, за да не се предвидува можност за повторно назначување на јавниот обвинител и да се обезбеди квалификувано мнозинство во Собранието за негово назначување и разрешување “, стои во текстот на Венецијанска комисија.
Во однос на предлог-законот за Советот на јавни обвинители, пак, во мислењето, меѓу другото, се препорачува функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители да биде суспендирана за време на траењето на нивниот мандат во Советот. (Е.А.)