сабота, февруари 28, 2026
Дома СВЕТ 11 Македонци чекаат евакуација од Израел, но воздушниот простор останува затворен

11 Македонци чекаат евакуација од Израел, но воздушниот простор останува затворен

31

До овој момент, до дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел, информираат од Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Тел Авив.

Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба.

Како алтернативна опција се разгледува евакуација со брод од израелското пристаниште Ашдод до Лимасол на Кипар, за што македонската амбасада е во постојана координација со израелските власти и со нашите државјани на терен.

Во однос на дипломатско-конзуларните претставништва во Доха и Абу Даби, заклучно со овој момент ниту еден македонски државјанин нема побарано евакуација.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и преку дежурните служби, е во континуирана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација.

Граѓаните кои имаат потреба од помош можат да се обратат на дежурните СОС-телефони на Министерството и на амбасадата.

Министерството повторно апелира македонските државјани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток додека трае кризата.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалната мрежа X изрази јасна поддршка за сојузничката координација во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, нагласувајќи ја важноста од заеднички пристап во одржувањето на регионалната безбедност и стабилност.

„Стоиме со нашите американски сојузници во соочувањето со заканите кои ја поткопуваат стабилноста на Блискиот Исток. Соединетите Американски Држави јасно укажаа дека дипломатијата е секогаш прва опција, но дека одвраќањето останува неопходно кога постојат кредибилни ризици“, истакна министерот Муцунски.

Тој посочи дека безбедноста, стабилноста и одговорноста се меѓусебно поврзани и претставуваат основа за долгорочен мир.

Воедно, министерот информираше дека дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во регионот се во активна комуникација и ангажман со цел поддршка и асистенција на македонските државјани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и целосна конзуларна заштита.

МНР формира кризен штаб поради состојбата на Блискиот Исток – апел до граѓаните да избегнуваат патувања

ИЗДВОЕНИ