Полицијата уверува дека излегува на терен по секоја пријава и прави процена на ризик во рок од 12 часа, но реалноста покажува дека за многу жени, првиот повик е само почеток на долга борба – со страв, институции и системски „празнини“.
Пандорче АНТЕСКА
Во Македонија, семејното насилство одамна не е „случај“. Тоа е дневна статистика што вклучува аларм, но со одложено ѕвонење. Само во 2025 година, според податоците од Министерството за внатрешни работи, се регистрирани 5.436 поплаки за семејно насилство, од 5.551 жртва. Од нив, 3.567 се жени. Тоа значи дека, во просек, речиси 10 жени дневно се евидентирани како жртви, а државата прима околу 15 поплаки секој ден. Во истата година се заведени и 1.195 кривични дела за семејно насилство со 1.275 жртви, од кои 1.033 жени. Најголем дел од жртвите се сопруги, потоа мајки и жени во вонбрачна заедница. Тоа е најстрашниот дел од нивната несреќна приказна: насилството најчесто не доаѓа од непознат, туку од домот, од човекот што жртвата го познава, од средината во која треба да има сигурност. Пред само неколку дена, јавноста беше згрозена од чинот на насилство во Велес, маж ја горел со цигара својата жена и кршел по дома. Иако лани, токму во овој град, љубоморен маж ги избоде до смрт поранешната девојка и нејзиниот татко, а за тоа бил пријавуван кај надлежните неколкупати, сепак, полицијата уверува дека реагира на секоја пријава, а бројките покажуваат дека системот, и покрај интервенциите, не успева да го „скрши“ кругот. Кога насилството се повторува, прашањето веќе не е дали институциите знаат што треба да направат, туку дали прават доволно за жената да остане жива, безбедна и економски способна да излезе од насилниот дом.
Како постапува полицијата и што значат првите 12 часа
Со последните измени во Кривичниот законик, полицијата може по службена должност да гони семејно насилство со телесна повреда, без да мора жртвата да го пријави насилникот. Во одговорот од МВР, на прашањата од весникот ВЕЧЕР, се наведува дека полицијата е должна да постапи по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство, без оглед дали пријавата е добиена по телефон, поднесена во полициска станица, пријавена од трето лице, доставена од медицинска установа или преку други институции и невладини организации. Кога пријавата е по телефон, се нагласува дека постапката задолжително подразбира излегување на местото на настанот, за да се спречи насилството и да се обезбеди помош за жртвата и за семејството.
МВР објаснува дека се прави процена на ризик, која ги опфаќа околностите на моменталното насилство, историјата на претходни инциденти, зачестеноста и интензитетот, заканите, пристапот до оружје, изолацијата и контролирачкото однесување, прогонувањето и демнењето, закана за убиство, обид за давење и други форми на присила. Се прават и проверки во полициски евиденции, вклучително и дали сторителот поседува огнено оружје. По интервенцијата, најдоцна до 12 часа, полициските службеници изготвуваат извештај, а доколку е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот на жртвата или ризик од повторување на насилството, полицијата доставува предлог до судот за итна мерка за заштита, односно отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување, и тоа без согласност на жртвата.
Оваа процедура, на хартија, се чини исправна и силна, водејќи се од тоа дека жртвата често е во состојба на страв, зависност или притисок од насилникот, со кој најчесто е во заедница, и оти државата мора да ја преземе одговорноста. Но токму тука почнува и системскиот предизвик. Насилството не е настан што се решава со една интервенција. Тоа е процес, а во тој процес брзината и точноста на процената не се административна работа, туку прашање на живот и смрт.
Првиот телефонски повик и психолошката техника на водење разговор
Најважниот момент во многу случаи не е судницата, туку првата минута на телефон. Според психолозите со кои се консултираше ВЕЧЕР, а имаат искуство со пријави на СОС линиите во земјава, жената што пријавува насилство често зборува во паника, со прекинат здив, со страв дека ќе биде слушната, со страв дека насилникот ќе се врати, или дека ќе ја казни затоа што побарала помош. Во тој момент, разговорот со дежурниот службеник не е обично земање податоци, туку психолошка техника која има јасна цел: жртвата да остане доволно стабилна за да даде информации и да не биде изложена на дополнителен ризик.
Професионалците велат дека настапуваат со смирување на жртвата без да ја осудат, поставуваат кратки и јасни прашања, проверуваат дали жртвата може безбедно да зборува, дали насилникот е присутен, дали има оружје, дали има деца и дали има повреди. Ова не се детали за полицискиот записник, туку алатки за процена на опасноста.
Тука се крие и една од најголемите опасности што ретко се гледа, а тоа е таканаречената вторична виктимизација, велат психолозите. Ако жртвата наиде на недоверба, цинизам, прашања што звучат како обвинение или минимизирање, таа може да се повлече, а со тоа ризикот од фатален крај за жртвата на семејно насилство да се зголеми. Затоа техниката на разговорот не е „мек“ дел, туку негово прво оружје за спасување, велат професионалците.
Каде оди жената по пријавата: шелтерите, СОС-линиите и парите што недостигаат
Дури и кога полицијата ќе интервенира, вистинската криза за жртвата често започнува по интервенцијата. Ако жената остане во домот, опасноста може да продолжи. Ако замине, се соочува со сурово прашање: каде и како. МВР наведува дека ако жртвата го напуштила домот и мора да се врати по личните работи, полицијата е должна да обезбеди придружба за да ѝ ја гарантира безбедноста. Но придружбата е краток мост, не е нов дом. Таа ја обезбедува жената за неколку минути, но не ја обезбедува за следните недели и месеци.
Тука се клучни СОС-линиите и шелтер-центрите, како единствени места што во итни ситуации можат да дадат насока, засолниште и поддршка. Во функција се националната СОС-линија 15-315, како и бесплатната мобилна национална СОС-линија 070/075/077-141 700. Постои и линијата 0800 11111 на „Ла Страда“, која работи и со случаи на трговија со луѓе и сексуално насилство. Овие контакти се важни затоа што многу жртви не можат веднаш да одат во полициска станица или не знаат каде да се обратат, особено кога насилството се случува ноќе или во момент на итна опасност.
Но, проблемот не е само да се јавиш. Проблемот е каде ќе завршиш. Во јавноста со години се отвора прашањето за ограничениот број шелтер-капацитети и нивната достапност, што директно ја ограничува можноста жената навистина да се одвои од насилникот. Во оваа точка од приказната, неодамна влезе и независната, институционална критика. Државниот завод за ревизија, преку јавни наоди презентирани во контекст на следењето на обврските од Истанбулската конвенција, укажа дека државата формално има закони и стратешки документи, но тие не се доволно оперативно спроведени, дека постојат слабости во капацитетите и дека нема доволно шелтер-центри и ресурси за ефективна заштита. Аларм што не доаѓа од активисти, туку од институција која ја мери реалната функционалност на системот, а таа тука потфрла со години.
На крајот, останува и финансискиот аспект. За многу жени, заминувањето од насилен дом не е само храбра одлука, туку економска невозможност. Често жените жртви се финансиски и станбено врзани за насилникот. Кога нема пари за кирија, храна, превоз, сметки и грижа за деца, жената може да биде принудена да се врати таму од каде што избегала. Државната финансиска поддршка, во практиката, најчесто е ограничена и недоволна, а често мора да се надополни со поддршка од невладиниот сектор. „Системот може да ја отвори вратата за пријава, но ако не ја отвори вратата за нов почеток, жртвата останува во лавиринт од процедури и сиромаштија“, велат граѓанските активисти.
И на крај, семејното насилство не завршува кога ќе пристигне патролата. Тоа завршува кога жената ќе има реална можност да не се врати во пеколот. А бројките од МВР за 2025 година се доволно загрижувачки, за да покажат дека Македонија не смее да го третира насилството како „инцидент“ што се решава со полициски извештај. Државата мора да ја исцрта целата линија на одбрана: брза интервенција, професионална комуникација, процена на ризик, судски итни мерки, достапни шелтер-центри и финансиска поддршка што ќе значи вистинска независност. Во спротивност, секој следен ден со нови поплаки не е само статистика. Тоа е уште една жена што преживува таму каде што треба да живее.
„Колку дневно“ се случува семејно насилство
| Категорија (2025) | Вкупно годишно | Просек месечно | Просек дневно |
| Кривични дела | 1.195 | ~100 | ~3,3 |
| Прекршоци | 284 | ~24 | ~0,8 |
| Поплаки | 5.436 | ~453 | ~14,9 |
„Кој е жртва – кој е сторител?“
| Категорија | Жртви – жени | Жртви – мажи | Сторители – мажи | Сторители – жени |
| Кривични дела | 1.033 | 242 | 1.112 | 131 |
| Прекршоци | 145 | 192 | 288 | 46 |
| Поплаки | 3.567 | 1.984 | 4.352 | 1.201 |
„Жртвата во семејството“
| Жртва по својство (кривични дела – 2025) | Број |
| Сопруга | 484 |
| Мајка | 115 |
| Жена во вонбрачна заедница | 109 |
Извор МВР
Само околу 1 од 6 предмети со конечна пресуда биле казнети со ефективна затворска казна.
| Судски исходи за семејно насилство – 2023 | Број |
| Вкупно финални пресуди | 66 |
| Казни со ефективна затворска казна | 10 |
| Условни казни | 43 |
| Ослободителни пресуди | 3 |
| Отказни пресуди | 9 |
Извор GREVIO / All for a Fair Trial cms.mtsp.gov.mk












