Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ (27), е пред кам-бек во руската лига, тврдат повеќето италијански медиуми. Тој минатата сезона го носеше дресот на Олимпија Милано, тим што се натпреварува во Евролигата, но не доби некоја значајна минутажа на теренот.
Новинарот Андреа Калцони објави дека Димитријевиќ ќе потпише двегодишен договор со тимот на Зенит за три милиони евра. Пред да дојде во Италија, тој играше за Уникс, со кој ја освои ВТБ-лигата во 2023 година и беше прогласен за МВП на сезоната.
Според Калцони, Олимпија ќе му плати 500.000 евра, што треба да претставува разлика во договорот и на тој начин тој ќе стане слободен агент.
Димитријевиќ беше MВП на Суперкупот на Италија, кој го освои Олимпија во 2024 година, а во последната сезона во Евролигата имаше просек од 7,6 поени, 1,6 скока и 2,9 асистенции на натпревар. Од италијанскиот клуб имаа најмногу замерки за неговата одбрана, па почесто беше на клупата за резерви отколку на терен.
Инаку, тој повторно го одби настапот за Македонија во претквалификациските дуели со Романија и со Унгарија, кои нашата селекција ќе ги одигра во августовскиот прозорец на ФИБА, токму поради тоа што беше во потрага по нов клуб.