Банкоматите не се цел на класични хакерски напади, но тоа не значи дека корисниците се целосно безбедни. Сè почесто криминалците не ја напаѓаат технологијата, туку човечката невнимателност – еден поглед, една секунда непокриен ПИН или мало физичко растојание и одвлекување внимание на корисникот, може да биде доволна за празнење на сметката.
Такво искуство имала и скопјанка, која за весникот ВЕЧЕР раскажа за обидот, за среќа неуспешен, да ѝ бидат одземени пари од личната банкарска сметка. Само неколку минути по обидот да подигне пари од банкомат во центарот на градот, на апликацијата за електронско банкарство на мобилниот телефон на скопјанката Марија ѝ пристигнала вознемирувачка порака дека некој се обидел да подигне 20.000 денари од нејзината сметка. Обидот, за среќа, бил неуспешен бидејќи жената немала толку пари на сметката, но случајот отвора сериозни прашања за безбедноста при користење банкомати и како луѓето да се заштитат од злоупотреба на банкарските податоци.
Станува збор за сведочење на граѓанка која првиот работен ден по Нова година отишла на банкомат во близина на Зелено пазарче, очекувајќи дека ѝ е префрлена платата. Физички не ја внела картичката, туку ја користела мобилната апликација.
„Додека го внесував ПИН-кодот, забележав жена што стоеше мошне блиску зад мене и нешто работеше на телефонот. Иако дојде пред мене, сепак ми даде знак дека ми го отстапува банкоматот. Носеше големи очила и качулка, буквално како да беше маскирана, а автомобилот со кој дојде беше со затемнети стакла. Не реагирав, но ми беше сомнително. Не успеав да подигнам пари затоа што платата не беше легната и си заминав“, раскажува таа.
Само неколку минути подоцна, кога веќе се оддалечила од локацијата, стигнала нотификација од банката за обид за подигнување пари.
„Имам електронско банкарство и добивам известување за секоја активност. Значи, некој веднаш по мене се обидел да подигне пари од мојата сметка. Не успеал затоа што го имав искористено дозволениот минус. Ако имав средства, ќе ми ги земеше“, вели таа.
Веднаш ја блокирала картичката и пријавила во банката, но останува сомневањето дека ПИН-кодот бил компромитиран додека го внесувала на банкомат. Скопјанката побарала и полициски совет, но од познајник добила одговор дека станува збор за обид, а не за направена штета.
Сајбер експерти: Не се „хакира“ банкоматот – се набљудува човекот
Цврстите сомневања на скопјанката дека бил направен неуспешен обид за повлекување на пари од банкомат се поткрепени од редовните предупредувања на нејзиниот син, кој бил студент по сајбер безбедност.
„Секогаш ме предупредува со рака да го покривам внесувањето на пинот на тастатурата од банкоматот, а телефонот на кој ја имам електронската картичка да биде видлив само за моите очи“, се присетува жената.
Експертите по сајбер безбедност велат дека ваквите случаи не се резултат на софистицирано хакирање туку на класична комбинација од набљудување и човечка невнимателност.
„Најчеста заблуда е дека некој може софтверски и од далечина да ви ги украде парите од банкомат. Во реалноста, криминалците најчесто го ‘хакираат’ човекот, а не системот“, велат експертите што ги консултираше ВЕЧЕР.
Според нив, стоење премногу блиску зад корисникот, користење мобилен телефон во моментот на внесување ПИН и одвлекување внимание се познати техники за визуелно или видеоприслушување.
„Доволни се неколку секунди и добар агол на камера или поглед за ПИН-кодот да биде компромитиран. Ако сторителот веднаш потоа ја има картичката или дојде на ред на банкоматот, системот нема начин да препознае дека станува збор за злоупотреба“, објаснуваат сајбер експертите и потенцираат дека електронските нотификации, како во овој случај, се клучен заштитен механизам кој може да спречи поголема штета.
Истрага: кражби, украдени паричници и злоупотребени картички
Сведочењето доаѓа во време кога Основното јавно обвинителство Скопје води постапка против две државјанки на Република Бугарија, осомничени за повеќе кривични дела – кражби и злоупотреба на банкарски картички.
Според Обвинителството, првоосомничената во пет наврати крадела паричници со пари, документи и картички, а потоа се обидувала да повлече дополнителни средства. Во последниот случај „оперирала“ заедно со второосомничената.
На 4 април 2025 година, во автобус број 7 на ЈСП – Скопје, од оштетен бил украден паричник со 2.600 денари и картичка, од која пред блокирањето биле подигнати 30.000 денари. Во август 2025 година следувале уште три кражби во трговски центар, првично биле извадени 39.000 денари, а потоа и дополнителни 60.000 денари повлечени од банкомат. Последниот случај е од 4 јануари 2026 година, кога двете осомничени заедно украле паричник, а потоа двапати неуспешно се обиделе да подигнат пари од банкомат.
Обвинителството наведува дека постојат индиции оти во успешните случаи ПИН-кодовите биле запишани и чувани во паричниците, најчесто од повозрасни лица. Поради тоа се испитува и евентуално кривично дело – оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.
„Кога ПИН-кодот е запишан или лесно видлив, кражбата на паричник веќе не е само кражба – тоа е директен пристап до банкарската сметка“, предупредуваат сајбер експертите. За двете осомничени е предложена мерка притвор.
По непријатното искуство на за малку оштетената скопјанка, која ја спасила сметката во минус и отворената истрага против крадачките на картички од Бугарија, експертите предупредуваат секогаш да се покрива тастатурата при внесување ПИН, да не се дозволува мало физичко растојание на банкомат, никогаш да не се запишува ПИН-код, да се активираат СМС или апликациски нотификации, и веднаш да се блокира картичката при најмало сомнение. „Една секунда невнимание може да значи изгубени пари“, порачуваат експертите. (П. А.)












