-Македонската филхармонија не е само наш верен чувар на минатото, туку и мост кон иднината во која новите таленти ќе продолжат да го одржуваат во живот нашето наследство и традиција. Секој член на оркестарот има своја приказна, тие се посветени професионалци, луѓе со страст, соништа, но и жртви. Музиката е нашиот живот, нашата приказна и придонес кон македонската култура. Македонската филхармонија е нашата љубов и сон на нашите претходници, рече директорот на Филхармонијата Александар Котевски
Со повеќеминутен аплауз за македонските филхармоничари, маестрален настап на Симон Трпчески, кој им се придружи на концертот наречен „80 години – Љубов“ и свечена церемонија, на која се оддаде почит на основоположниците, Македонската филхармонија, синоќа во присуство на бројни гости и личности од културниот и политичкиот живот на нашата држава, го прослави својот роденден и голем јубилеј – 80 години постоење.
Публиката имаше можност да ја проследи светската премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и бравурозната изведба на македонскиот пијанист со светско реноме Трпчески на Концертот за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ. Следуваше бис на Трпчески со првата виолина, концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, Владимир Костов на Сонатата за виолина и пијано бр. 3, став 2, како и „Ариета“ од Григ. Публиката ги награди со силен и долг аплауз.
-Оваа сезона на Македонската филхармонија е наречена – љубов. Свирејќи забележав дека ми пукна копчето. Од љубов ми пукна копчето. Македонското срце пука… рече Трпчески, шегувајќи се за она што му се случи со кошулата.
Како што истакна тој, бисот го посветува на сите негови колеги од Македонската филхармонија за нивна љубов, почит и лојалноста, како и на сите претходни и идни филхармоничари, и им посака уште многу години постоење и остварувања со високи дострели.
-Нека живее музиката, нека живее Македонската филхармонија, нека живее Македонија, заврши Трпчески посакувајќи мир и благосостојба на сите.
Во вториот дел на концертот, од оркестарот на Македонска филхармонија, беше исполнета монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Малер. Концертот го водеше шеф-диригентот на Македонска филхармонија – маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Пред концертот членовите на оркестарот на Македонската филхармонија влегоа во салата откако публиката беше седната на своите места и беа поздравени со долг стоечки аплауз од присутните. На почетокот, пак, се прикажа видео кое ги презентираше почетоците на денешнава Македонска филхармонија, односно формирањето на првиот Оркестар во слободна Македонија. Оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје во домот на композиторот Тодор Скаловски. Тоа е историски ден и со право се смета за роденден на Македонската филхармонија.
Сепак одбележувањето на 80-годишниот јубилеј започна претходно, во фоајето на Филхармонијата, со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ и изведба на три композиции од основоположниците на оркестарот -Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката имаше можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр.2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски, а со хорот диригираше Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
Во фоајето можеше да се види и изложбата на фотографии кои го следат историскиот континуитет на оваа институција и нејзините најзначајни моменти – од основањето до денес.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој беше присутен на настанот, ја честиташе 80-годишнината на Македонската филхармонија и нејзините големи успеси.
-Беше чест да се види документарниот филм за основањето на првиот републички симфониски оркестар со Тодор Скаловски. Потоа го следиме растот, но и сите перипетии низ кои поминувала Македонската филхармонија, за во 2017 година да добие еден велелепен објект, дом со најсовремена сценска технологија и светски стандарди со којшто секој кој седи во оваа сала и слуша концерт може да се гордее, рече Љутков посочувајќи дека се надева дека во идните години ќе има поголем буџет за реномирани странски солисти и диригенти.
Според директорот Александар Котевски, пак, Филхармонијата денеска ги отвoра портите за новите генерации, за новите гласови и идеи.
-Таа не е само наш верен чувар на минатото, туку и мост кон иднината во која новите таленти ќе продолжат да го одржуваат во живот нашето наследство и традиција. Таа е отворена книга на македонската култура, ехо кое силно одекнува низ годините. Секој член на оркестарот има своја приказна, тие се посветени професионалци, луѓе со страст, соништа, но и жртви. Музиката е нашиот живот, нашата приказна и придонес кон македонската култура. Македонската филхармонија е нашата љубов и сон на нашите претходници, рече тој.
Свечениот концерт преку директен пренос на МРТ можеше да го проследи и целата македонска јавност. (Н.И.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски