Град Скопје ќе ја финансира изработката на основниот сообраќаен проект, како и поставувањето на сообраќајната сигнализација на улиците „Васил Ѓоргов“ и „Адам Мицкиевиќ“, кои се наоѓаат на територијата на Град Скопје .

Оваа активност е предвидена според предлог-одлуката за воспоставување соработка помеѓу Град Скопје и Општина Центар за изработка на основен сообраќаен проект за поставување на технички средства за забавување на сообраќајот на дел од улиците „Васил Ѓоргов“ и ул. „Адам Мицкиевиќ“, како и поставување на сообраќајна сигнализација на улиците во согласно основниот сообраќаен проект која треба да се најде на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје, што ќе се одржи во вторник.

Градот ќе издвои 2.100.000 денари со вклучен ДДВ за изработка на основниот сообраќаен проект и поставувањето на сообраќајна сигнализација. Средствата се обезбедени од буџетот на Град Скопје за 2019 година.

За реализација на оваа одлука градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ќе склучи договор со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Основниот сообраќаен проект ќе биде изработен од страна на јавното претпријатие „Улици и патишта“, по налог на Градот.

(А.П.)