Уставниот суд го укина мораториумот за градба во општина Центар според старите урбанистички планови. Во одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови од 27.03.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар, која е објавена на веб-страницата на Уставниот суд, се наведува дека го става вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Тоа значи дека од денеска веќе може да се гради според старите Детални урбанистички планови, но од Општина Центар велат дека не се откажуваат од ревидирањето на ДУП-овите и во идниот период ќе бидат поригорозни при издавањето на решенијата за градење на инвеститорите.

– Општината ќе продолжи да носи ревидирани урбанистички планови како што правевме досега и преку користење на сите можни законски мерки ќе треба да ги досреди и доуреди сите парцели и да ги запази работите за кои смета дека треба да се почитуваат – изјави за весникот ВЕЧЕР, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тој е дециден и вели дека ќе бидат доста строги и нема да дозволат постапување по одредени Детални урбанистички планови каде што ќе се утврди пречекорување на параметри кои произлегуваат од старите планови.

Според Богдановиќ, она што можат да сторат е од инвеститорите кои ќе сакаат да градат да бараат на одредената парцела да има 20 проценти зеленило, како и обезбедено паркирање, како и други параметри кои според претходниот план не им било барано.

Уставниот суд одлучуваше за уставноста на забраната за градба во скопски Центар по иницијативата поднесена до нив од двајца охриѓани.

Во 2018-та, Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот до Уставен суд беше поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Потоа, на 20 март, Уставниот суд времено го укина мораториумот додека не се донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот. По ваквата одлука на Уставен суд, Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, нема да се применуваат. Сите планови кои се ревидираат се спротивни на ГУП-от, па со тоа во Општината не се издаваа дозволи за градба.

Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 година донесе мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 Детален урбанистички план. Досега од предвидените 31, ревидирани се и донесени се осум Детални урбанистички планови.

(А.П.)