Ќе се гради ново училиште во Визбегово

56

Во Визбегово ќе се гради ново основно училиште. Денеска градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски го потпиша воведот во работа за изградба на новото училиште, процедура која беше започната уште во 2014 година.

-Тогаш како советник гласав за отпочнување на целата постапка, а денес како градоначалник во соработка со МОН ќе изградиме ново општинско основно училиште во Визбегово – истакна Костовски.

Тој информираше дека е направен увид на градежната парцела каде наскоро  ќе започнат градежни активности и поставување на камен темелник.

-Како Општина Бутел во најбрз рок ќе ги обезбедиме сите потребни работи за непречено одвивање на градежните активности. Инвестицијата во општинското основното училиште е во вредност од 106 509 812,00 денари и ова училиште ќе има капацитет за над 500 ученици – информираше Костовски.

Тој најави дека новото општинско училиште ќе биде готово во учебната година 2023/2024 година.

-Со изградбата на овој модерен училишен објект во чиј состав е предвиден и простор за рекреација и спортување, се одговара на долгогодишните потреби и барања на жителите од населбата. Воедно, ќе се надополнат и потребите за економски развој на овој дел од градот – соопштија од Министерството за образование и наука (МОН). 

Оттаму додваат дека забрзано инвестираат во осовременување на образовниот систем и квалитетно образование достапно за секое дете.

-Изминатиот период освен во нови објекти, реконструкција и санација на постојните, за што во 2021 година беа обезбедени на 1 милијарда денари, МОН вложи во нови наставни програми, опрема, нагледни и дидактички средства и 260 нови кабинети по природни наука. Со овие инвестиции правиме трансформација на националниот образовен систем преку кој го поттикнуваме полниот потенцијал на секој ученик и ученичка. Дополнително вложуваме и во унапредување на наставниот кадар, кој е клучот за квалитетно образование, за што е обезбедена континуирана обука и поддршка – се наведува во соопштението од надлежното министерство.