Ќе никне ли облакодер кај поликлиниката „Букурешт“?!

3885

Изјавата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, при гостување во еден од медиумите, дека зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ кај поликлиниката „Букурешт“, според важечкиот ДУП, е предвидено да се гради зграда на 28 ката, предизвика револт и загриженост кај советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Општина Карпош. Оттаму бараат веќе на следната најавена седница, која треба да се одржи на 8 јуни, да се предложи точка на дневниот ред со овој ДУП, за Советот на Општината да може да расправа за носење предлог-одлука за бришење на градежната маркичка за предметната висококатница или поништување на ДУП-от во целина.

– Нема да дозволиме да се гради 28-катница. На Советот на Општина Карпош ќе му предложиме точка на дневен ред со која привремено ќе бараме суспензија на предметниот ДУП, со што и формално-правно ќе постигнеме забрана за издавање градежна дозвола за објектот за колективно домување (висококатница) – изјави советникот од ВМРО-ДПМНЕ Роберт Велјановски.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, не негира дека со ДУП-от е предвидена зграда на 28 ката, но потенцира дека нема да дозволи да се гради.

– Не ја разбирам вознемиреноста на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која преку прес-конференција ми се обрати со барање за укинување маркица за градење на 28-катница. Имено, јас јавно кажав дека таква висококатница нема да се гради и дека никогаш нема да ставам потпис на таков објект – истакна Јакимовски, потенцирајќи дека за да ги смири советниците, но и јавноста, уште еднаш јавно потврдува дека на посочената локација нема да се гради таков објект во таков габарит и оти тоа е негов став кој нема намера да го менува, а, впрочем, како што нагласи, тоа им го ветил и на граѓаните.

(А.П.)