Ќе никне ли висококатница  кај поликлиниката „Букурешт“?

239

Со тоа што градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски оневозможува да се одржи седница на Советот, има план да потпише дозвола за изградба на 28-катница кај поликлиниката „Букурешт“. Ова го тврди претседателот на Советот, Бранко Ристов, наспроти изјавата на Јакимовски дека тоа нема да се случи.

Ристов веќе поднел решение за свикување седница на 18 овој месец, со единствена точка на дневен ред „Предлог- Одлука за задолжување на градоначалникот и општината да стопираат издавање на градежни дозволи, забрана за започнување градба и спроведување ревизија на ДУП за градска четврт З 05 блок 08.

– Сметаме дека има ургентна потреба да се спроведе ова, за до крајот на месецот да почне процедура за ревизија на тој блок. Градоначалникот намерно ја одложи претходната седница. Мене ме загрижува тоа што градоначалникот преку службите намерно работи да се донесе ДУП таков каков штој си замислува. Моја обврска е да го спроведам тоа што сум го ветил. Има грешки во процедурата, не би требало да се дозволи овде да се гради 28-катница. Со ревизијата ќе можат да се отстранат сите недостатоци од минатото носење на овој ДУП – изјави Ристов за весникот ВЕЧЕР.

Претходно, Јакимовски јавно кажа дека на посочената локација нема да се гради таков објект во таков габарит и оти тоа е негов став кој нема намера да го менува, а, впрочем, како што нагласи, тоа им го ветил и на граѓаните.

(А.П.)