„Симптоматично е носењето на маски по 5 часа на настава, учениците не се знае дали ќе можат да издржат. Симптоматично е безбедноста од аспект на тестирање проверка на ученици со потврда кои ќе дојдат во училиште на вработени наставници кои ќе бидат тестирани или не, но сепак ова ништо не значи. Денес можам да бидам негативен за 24 часа да бидам позитивен. Тоа може како атомска бомба да се прошири во целото училиште“, вели  Јоаким Неделков од СОНК

 

Работната група на Министерството за образование и наука ќе има средба со Комисијата за заразни болести денеска или утре за да се утврди конечна верзија на плановите и протоколите како да се одвива наставата од 1 септември во услови на епидемија од ковид-19. Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска пред празникот Илинден изјави дека работната група и за време на продолжениот викенд ќе работи за да ги финализира сите детали во документите што ќе им бидат претставени на членовите во Комисијата со која и досега имале консултативни средби.

Конечната верзија, како што рече, потоа треба да помине на седница на Влада, можеби уште на првата закажана по празникот – в среда, и се надева дека до петок усвоената верзија веќе ќе им биде пратена на училиштата за да се подготват и приспособат според своите услови. На 10 август ќе биде презентирано и за јавноста.

-Имаме модели и оставаме самите локални самоуправи, кои имаат и кризни штабови, да направат проценка кој модел што ќе го понудиме и во кој период ќе биде корисен според епидемиолошката слика. Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат преку компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца, изјави Наумовска. Онаму каде што ќе има учење од далечина, рече таа, не значи дека моделот е-настава ќе се применува во текот на целата учебна година, туку додека трае опасноста од вирусот и ќе може да се преминува од еден во друг модел.

Комбинираната настава би се применувала со ротации на учениците од една паралелка – едни кои ќе одат во училиште и други кои од дома онлајн и во исто време ќе ја следат наставата. Ротирањето би било на две недели. Така би се растоварил и превозот на учениците, зашто протоколите за превоз, исто така, налагаат најмногу 50 отсто исполнетост од капацитетот на возилото.

Во мали и рурални средини во одделение има од четири до шест ученици кои физички може да бидат присутни во училиштето, така што комбинираната настава е во план за поголеми паралелки кои се и најголем проблем. За оние со максимален број, 34 ученици, во Скопје и во други големи градови ќе бараат, рече Наумовска, општините да помогнат со дополнителен државен простор каде што учениците ќе може да бидат распоредени.

Независно кој модел на настава ќе биде избран, предвидено е часовите да бидат скратени, а за најмалите да траат 20 минути. За е-настава ќе се дефинира платформа што ќе се применува на ниво на училиште, но може да се разликува од едно до друго училиште. За наставниците да бидат исто ангажирани во онлајн наставата и за да нема оправдувања дека немале опрема или интернет-пристап, се предлага наставата од далечина да ја реализираат од училиштето.

Откако ќе бидат донесени протоколите, директорите на училиштата ќе имаат една недела да направат план за своето училиште според насоките од МОН.

Д-р Драган Данаиловски, смета дека не е време за отворање на училиштата бидејќи децата под 14 години два пати повеќе го пренесуваат вирусот. Според него училиштата не треба да се отворат наскоро.

– Се плашам што ќе биде со школската година кога ќе почне, со оглед на гласините кои се шират, дека училиштата ќе се отворат. Не знам како тоа ќе изгледа, децата да носат маски 4-5 часа, тоа е малку илузорно. Се плашам дека тоа нема да успее, вели д-р Данаиловски.

Тој дополни дека две студии се објавени деновиве – всушност се уште не се објавени туку се дадени како ракопис – и едната вели дека децата до пет години имаат 10 до 100 пати повеќе вируси во носните патишта.

– А една друга студија од северна Италија вели дека децата под 14 години два пати повеќе го пренесуваат вирусот. Ова доволно зборува дека, според сегашната епидемиолошка состојба кај нас, не е време за отворање на улиштата, вели тој.

Група родители бараат од Министерството за образование да им овозможи самите да одлучат доколку сакаат нивните деца целосно да посетуваат настава онлајн, или да одат на училиште или пак тоа да се одвива комбинирано.

Од друга страна Јоаким Неделков од СОНК вели дека срамно е зошто МОН не ги контактирал нив за изработка на новиот концепт за реализација на образовниот процес. Неделков вели дека е тешко да се одржува дистанца помеѓу учениците за време на одмори. Тој предлага учениците да одмораат скалесто поделени во повеќе групи.

„Симптоматично е носењето на маски по 5 часа на настава, учениците не се знае дали ќе можат да издржат. Симптоматично е безбедноста од аспект на тестирање проверка на ученици со потврда кои ќе дојдат во училиште на вработени наставници кои ќе бидат тестирани или не, но сепак ова ништо не значи. Денес можам да бидам негативен за 24 часа да бидам позитивен. Тоа може како атомска бомба да се прошири во целото училиште“, изјави Неделков.

(В.М.Б.)