Јунајтед Ерлајнс со помала загуба во првиот квартал во однос на минатата година

20

Американската авиокомпанија Јунајтед ерлајнс го заврши првиот квартал со малку помала загуба отколку во истиот период минатата година, истакнувајќи знаци на закрепнување на побарувачката за патувања.
Компанијата работеше со загуба од 1,4 милијарди долари во првите три месеци од оваа година. Во истиот период минатата година, загубата е 1,7 милијарди долари, покажа вчера објавениот деловен извештај.
Оперативната загуба е намалена во споредба со истиот период минатата година кога светот беше зафатен од првиот бран на пандемијата на коронавирус, но е значително поголема отколку што очекуваа аналитичарите.
Приходите потонаа 60 проценти, на 3,2 милијарди долари.
Американската авиокомпанија со седиште во Чикаго ги потврди важечките прогнози дека очекува да се врати во профитабилен бизнис до крајот на годината.
Јунајтед ерлајнс на вчерашната прес-конференција објави дека од 8 јули до 3 октомври ќе воведе директна линија што ќе ги поврзува Њујорк и Дубровник. Ќе лета три пати неделно, со авиони Боинг 767-300ЕР со вкупно 214 места во три класи.