Југословенско драмско позориште: „Баре барут“ на Дуковски, во режија на Унковски прикажана онлајн

409

Претставата „Баре барут“ на Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски премиерно беше изведена на Големата сцена на Југословенско драмско позориште на 18 март 1995 година, а деновиве е прикажана на Јутјуб каналот и на веб страницата на оваа театарска институција

Деновиве на Јутјуб каналот и веб страница на Југословенско драмско позориште беше прикажана снимка на претставата „Баре барут“ на Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски. Претставата беше премиерно изведена на 18 март 1995 година на Големата сцена на Југословенско драмско позориште. „Чекајќи го моментот кога повторно ќе започнат да настапуваат и да се сретнуваат со публиката од вечер во вечер, Југословенско драмско позориште сака да остане во контакт со својата публика на единствениот можен начин кога најодговорно за себе и заедницата е да се остане дома“, пренесе Б92 најавувајќи ја претставата на македонскиот театарски тандем Дуковски-Унковски.

„Кога на македонски јазик ја прочитав драмата ‘Буре барут’ на Дуковски, навистина како ретко кога бев воодушевен. Речиси сè разбрав. И што е најважно, ја почувствував основната вредност на овој лапидарен текст, со краток и остар дијалог, во духовита форма и метафоричка слика на сите наши маки среде неволјите што тогаш ги преживуваме. Дали има нешто поидеално од нов драмски текст што изгледа како сè она што нè опкружува, доволно дестилиран, а да не е буквална копија на реалноста“, напиша Јован Кирилов за драмата на Дејан Дуковски, а е поместено на веб страницата на Југословенско драмско позориште каде можеше да се види и претставата.

Во премирната изведба играа познатите актери Воја Брајовиќ, Мирјана Карановиќ, Бранко Цвејиќ, Драган Николиќ, Небојша Глоговац, Драган Миќановиќ, Војин Ќетковиќ, Сергеј Трифуновиќ… Оваа претстава има настапувано во Рим (Италија), Ница (Франција), Богота (Колумбија), Љубљана (Словенија), Скопје (Македонија). Учествувала и на Биеналето во Бон (Германија) и фестивалот МЕСС во Сараево. Таа има освоено четири награди на Југословенскиот театарски фестивал во Ужице во 1996 година за најдобра претстава, најдобар млад актер (Сергеј Трифуновиќ), за сценографија (Миодраг Табачки) и костимографија (Ангелина Атлагиќ). Миодраг Табачки добил и специјална награда на Првото биенале на сценски дизајн во 1997 година. Претставата ја доби и награда на публиката и критиката на Осмиот меѓународен фестивал „Контакт“ во Торуњ, Полска во 1998 година. Нејзината последна изведба била на 8 април 2006 година.

Како што информираат од Југословенско драмско позориште, пак, со емитување на снимките од нивните претстави започнале на 26 март, а претставата „Баре барут“ на Дуковски, во режија на Унковски е втора од серијата претстави кои ги овозможија за нивната публика. Секоја претстава има по неколку прикажувања од четврток до недела на Јутјуб каналот и на веб страницата на оваа театарска институција.