Сакав да бидам како Гоце Арнаудов, Ефто Пупиновски, Гоце Николовски, Александар Сариевски и Васка Илиева, затоа што тие се пример што значи естраден уметник

Јордан Митев е еден од најпознатите фолк-пејачи кој со години владее на сцената и тоа дури петнаесет години. Но, секако дека тоа е возможно кога освен што е пејач тој е и кантавтор поткован со соодветно музичко образование. Секако  зад него стојат многубројни хитови кои не само во нашата земја се слушаат и надвор од нашите граници. Токму овој мултиталентиран музичичар за весник ВЕЧЕР го раскажа неговиот животен пат од детството па сè до денеска.

Јордан уште како мал бил амбициозен со цел да го извлече максимумот од него, а оваа особина не е заоставена ниту сега.

– Навистина детството го одживеав до максимум како што и годините по детството. Тоа е можеби и една од одликите на мојата личност, да се живее животот со полн здив, да се извлече максимумот од себе и моменталната ситуација. Е сега има многу начини на живеење на животот со полн здив, јас се трудев и се трудам да го живеам на мој начин така како што ме води мојата интуиција. Многу работи се случуваат во текот на еден човечки живот, човек евулуира во секој сегмент од своето битие, навидувам сè е поврзано но, сè е многу одделено, раскажува пејачот.

Фолкерот смета дека за вистински успех треба сами да се избориме исто како и во неговиот случај.

– Секој човек има свој животен пат, своја судбина и своја планина која ја носи на својот грб. Секако има луѓе на кои им се воодушевувам на успехот во животот но, не би сакал да се менувам со никого и за ништо. Јас сакам да го изодам мојот пат, да видам што јас можам да направам  од себе и кои се моите лимити на издржливост и способност. Ако планинарот со хеликоптер го качат на Монт Еверест тој не го искачил врвот туку го качиле некои други со помош на хеликоптерот. Тоа не е успех. Така е и во животот, треба сами да се качете на својот замислен врв, тогаш сте вистински херој, човек со своја вредност. Сè останато е залажување на самиот себе и другите околу себе, додава Јордан.

Коронавирусот направи нарушувања, а мојот јубилеен концерт ќе причека

Од мал па сè до ден-денеска музика е неговата животна водилка, а публиката е неговиот верен фан.

– Јас пораснав со македонската народна музика. Во нашиот дом се слушаше песната на Гоце Арнаудов, Ефто Пупиновски, Гоце Николовски, Сариевски, Васка Илиева, се гледаше фестивалот Цветници, Валандово. Јас сакав да бидам како нив на сцената  затоа што тие се пример што значи естраден уметник. За друга музика и други артисти јас и не знаев ниту имав слушнато до мојата 13-14-годишна возраст. Бев запознаен делумно со сериозната музика бидејќи паралелно со основното училиште посетував и нижо основно музичко училиште двапати во неделата. Се останато што беше популарна музика во тоа време за мене беше непознат свет, нешто помалку познато  или воопшто не познато. По завршувањето на основното образование јас дознав за балканските и светските имиња од светот на музиката и слушав се и сешто од македонска изворна и народна музика, до класика, џез, поп и разно разни музички комбинации од Балканот и светот,а тоа допринесе да ја се изградам во тоа што сум денес, вели пејачот.

– Од кога знам за себе јас сум со музиката, сум сакал да бидам на сцена, со песна, публика… За тоа имам зборувано во доста интервјуа во овие изминати 15 години колку што опстојувам во професионалниот музички свет. Уште од мал бев дел од разно разни фестивали каде што се презентираа и бараа таленти. Така да никогаш не сум имал дилема што сакам да бидам во животот. Јас до сега го живеев мојот сон и, фала му на Бога, прилично успешно за наши постои и можности. Се што сакав и што замислив јас го направив, пропатував доста, направив доста песни на кои што сум комплетен автор. Оставив еден вид на оригинален печат кој е почитуван од доста луѓе. Норално не може сите да ве сакаат и почитуваат. Има и такви кои лесно и без пардон плукаат на тоа што сум направил и не избираат начин како да ме понижат, но кога човек работи мора да има  и такви негативци. Важно е во поголем процент да биде публиката позитивна за мојата работа, додава Јордан.

По повод, 15 години од неговата успешна кариера Јордан сакаше да ни приреди јубилеен концерт. Но, бидејќи публиката и нивното расположение му се најважни тој ќе почека да дојде подобро време.

– Како што знаеме проблемот со коронавирусот направи нарушување кај секој од нас, кај некого повеќе кај некого помалку. Јас оваа година заокружувам 15 години од кариерата и пред да почне пандемијата и на нашите простори го подготвував теренот за тој мој јубилеен концерт кој сакав и уште сакам да биде на едно високо професионално ниво. Со настанатата ситуација навистина не би можел да кажам ништо конкретно во овој период. Барем до сега и со овие информации кои ги имаме не гледам дека за брзо ќе се расчисти целата оваа ситуација. Тоа значи дека меѓу сите нас сакале или не ќе владее некој страв и неизвесност, а во таква состојба некако човек не може баш така лесно да си ја опушти душата и да се развесели народски кажано. Јас концертот го правам за народот, а доколку народот не e расположен, тогаш нема простор за таква работа освен да се почека подобро време. Истото важи и за издавањето на новите песни, треба да се почека да се вратиме колку толку на тоа што бевме. Се надевам ќе биде така и за брзо време, вели фолк-пејачот за ВЕЧЕР.

(Маја Анчевска)