„Преку овие предмети кои ги враќаме во живот, во рамки на разни проекти правиме и едукација. Кога подготвуваме изложби секогаш ни недостасуваат и такви предмети со кои на граѓаните можеме да им прикажеме и да им го доловиме  амбиентот од домовите на старите семејства или секојдневниот животот во Скопје во различен историски период“, вели Јасмина Намичева, кустос во Музејот на град Скопје

 

Кутија со над 300 флаери и каталози од журките во деведесеттите, стари куфери кои го пропатувале светот, плакар од собата на старото скопско семејство, невообичаените стаклени чаши… се само дел од предметите кои изминатите десетина дена беа донесени во Музејот на град Скопје. Од неодамна Музејот се приклучи на повикот на сајтот „Дај не фрлај“, со цел музејските постановки да се збогатат со предмети со кои на што поавтентичен начин ќе бидат раскажани приказни од секојдневното живеење на старите скопски семејства. Скопјанката Катерина Митиќ беше првата која се одѕва на повикот донирајќи кутија со над 300 флаери и каталози за настани во Скопје во 90-тите години.

„Пред да се запознаеме со сопругот ги собиравме флаерите кои ги најавуваа  најразличните настани и журки кои се случуваа во тоа време кога интернетот сè уште не беше зел замав. Тогаш особено се обрнуваше внимание на изгледот на флаерите кои се делеа меѓу скопјани. Се сеќавам имав флаер со кој се најавуваше концертот на „Психомодо поп“ во Младинскиот културен центар во 1998, додека сопругот имаше флаери и од 1995 година, од дискотеките во Скопје. Кога се запознавме не знаевме дека и двајцата имавме исто хоби. Ги споивме флаерите, но тие со години стоеја во кутијата на плакарот собирајќи прашина. Кога слушнав дека Музејот собира вакви работи отидов и ги однесов, но имам и многу други стари предмети кои би биле интересни за посетителите на Музејот“, вели Митиќ.

 Слика на минати времиња

Според кустосот Јасмина Намичева, целта е паралелно со оној професионален собирачки дел кој секој музеј го прави, да се соберат и оние предмети од домовите на граѓаните кои веќе надвор од употреба, но кои се значајни бидејќи преку нив се отсликуваат сите минати времиња.

„Преку овие предмети кои ги враќаме во живот, во рамки на разни проекти правиме и едукација. Кога подготвуваме изложби секогаш ни недостигаат и такви предмети со кои на граѓаните можеме да им прикажеме и да им го доловиме  амбиентот од домовите на старите семејства или секојдневниот животот во Скопје во различен историски период. Најчесто етнолошките изложби се од таков вид, и затоа сега решивме се ова што ќе го собереме преку овој сајт да влезе во различни збирки на етнолошкото одделение. Собираме стари столици, мебел од почетокот на векот, имаме и збирка меѓу двете светски војни, оној што е до земјотресот од 1963 и најновиот до 2000 година“, вели Намичева. Таа смета дека луѓето не се доволно запознати со потребата на Музејот за вакви предмети и затоа вели ја покрената иницијативата.

Уникатни приказни

„Честопати овие предмети им се пред очите на граѓаните, а не знаат каде би можеле да ги донираат. Ние веќе претходно имавме спроведено акција меѓу старите скопски семејства каде што етнолошкото одделение собира и податоци за  семејствата меѓу двете светски војни… Минатата година од сите тие предмети, фотографии, фото албуми, текстил и облека направивме огромна изложба наречена „Ковчег“, бидејќи тоа беа буквално работи извадени од ковчег. Инаку, за колекционерска работа треба многу трпение и време.

Предметите што ќе се донесат и ќе бидат прогласени за музејски експонати треба да се доведат во состојба за презентација. Најголем дел ги чистиме, реставрираме, обработуваме и се прават споредби за да одредиме од кој период потекнуваат. Така ја креираме и приказната за одреден  период. Значи многу приказни и информации добиваме од само еден единствен предмет. Генерално, со само едно донирање отвораме еден сосема нов свет.

Секој предмет носи со себе некоја приказна и се трудиме тоа да го забележиме, бидејќи кога подготвуваме изложби тие не се само поставување на одредени предмети во просторот собрани околу една приказна или околу една тема. Тие претставуваат збир од различни наративи кои лебдат над секој предмет и затоа нашите музејски водичи претходно работат со нашите кустоси додека се подготвува изложбата, за да можат од секој предмет да се извлечат приказните кои тој предмет го прават уникатен и посебен“, вели Намичева. А независно дали на е обичен предмет и потекнува од сериско производство, или,пак, бил драг предмет или фотографија, со приказната добива вредност повеќе.

Намичева посочува дека пред секој предмет да биде дониран се прави правна документација, точно се забележува името на донаторот. Граѓаните треба да бидат сигурни бидејќи секој предмет се нотира и се потпишува соодветен донаторски документ. Затоа апелираме, кога реновирате, испратете фотографии од предмети, контактирајте не, ќе процениме дали се интересни за нашите збирки, дали недостигаат или може да продолжите да ги објавувате на сајтот ‘Дај не фрлај’. Сите оние што ќе донираат, пак, ќе бидат зачленети во т.н. клуб на љубители на Музејот и секој од нив ќе биде вклучен на мејлинг листата и ќе добива информации и покани за сите настани во текот на годината“, додава Намичева. (Д.Т.)