Ѓукановиќ: Нова опасност од дестабилизација на Западен Балкан

40

Западен Балкан останува место на судир на геополитички интереси, што може да го дестабилизира целиот регион, предупреди црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на 76-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Тој нагласи дека предизвиците и заканите за мултиетничката демократија на Балканот ниту денес не се помали.

– Западен Балкан повторно е сцена на спротивставени геополитички интереси, што резултираше со забавување на интеграцијата на општествата од Западен Балкан во нивната природна европска средина, поткопување на довербата и одложување на усвојувањето на европските вредности. Таа конфузија не само што доведува до стагнација и натамошно заостанување во развојот на овој европски регион, туку и отвора простор за враќање на деструктивните теории дека поради заостанатоста овој регион не може да живее како мултиетничка и мултирелигиозна заедница, ниту да обезбеди функционирање на државите. Таквата исконструирана теза е особено наменета да се припише на Босна и Херцеговина, но и на другите помали земји во регионот, со цел да се создаде алиби за обновување на националистички проекти од големи размери, кои доведоа до војна во оваа област во 90-тите со речиси 150.000 човечки жртви, истакна Ѓукановиќ.

Тој нагласи дека решителноста да се спротивстави на Црна Гора со вакви ретроградни и опасни идеи, не е намалена.

– Затоа и денес, Црна Гора предупредува од ова место на обновената опасност од дестабилизација на Западен Балкан и стеснување на хоризонтот на нејзината европска перспектива, нагласи шефот на црногорската држава.

Според него, „огромните проблеми и кризи, кои, за жал, само се множат, бараат силно лидерство“.

– Без лидерство, светот не е во состојба да го обезбеди она што нашите граѓани го очекуваат и тврдат. За наша жал, во последниве години се соочуваме со криза на лидерство во светот. Ги набљудуваме неговите последици во речиси сите сфери на глобалните односи. Фрагментацијата и националниот пристап продолжуваат да доминираат во однесувањето на клучните меѓународни актери. Наместо заеднички конкретни акции, денес во светот се повеќе споделуваме само заеднички грижи, изјави Ѓукановиќ.

Јасна визија и посветеност, квалитет и континуитет, ефикасност и ефективност, соработка и солидарност, решителност и одговорност, како што нагласи Ѓукановиќ, се единствениот начин да се отстранат растечките глобални проблеми – од пандемии и климатски промени, до глад и миграција, кршење на човековите права и хуманитарни кризи.