Селекторот на кошаркарската репрезентација на Србија, Александар Ѓорѓевиќ, објави дека ја напушта клупата на националниот тим.

  • Да, точно е, јас си заминувам, соопшти Ѓорѓевиќ на прашање на новинарите по натпреварот против Чешка.

Репрезентацијата на Србија ја совлада Чешка во Пекинг со 90:81 и заврши на петтото место на Мундобаскетот во Кина, а тој натпревар беше последен за Ѓорѓевиќ на клупата на „орлите“.

Откако накратко им потврди на странските новинари дека повеќе нема да биде тренер на Србија, Ѓорѓевиќ потоа ја објасни својата одлука во разговор со претставниците на српските медиуми.

  • Да, веќе им кажав на играчите, мислам дека е време. Немаше разговор за мое продолжување или не. На мене останува да се повлечам и да не очекувам разговор. Нема потреба. Знам кога треба човек или тренер да го направи првиот чекор. Во овој момент, чувствувам обврска да го сторам тоа. За жал, заминувам во време кога не успеавме да ја постигнеме нашата цел, истакна Ѓорѓевиќ.

Тој додаде дека ја донел таа одлука пред да започне Светското првенство во Кина.

  • Одлучив да заминам уште пред почетокот на СП, животот оди во друга насока. Сакам да го посветам летото на моето семејство затоа што многу му должам. Не беше лесно, од квалификации, до натпревари, поминавме низ сè, од повреди, до турнири… Сакам да им се заблагодарам на сите соработници во сите овие години, заврши Србинот.

Александар Ѓорѓевиќ е на клупата на српската селекција од ноември 2013 година и има освоено три сребрени медали со репрезентацијата: СП 2014 година, ОИ 2016 година и ЕП 2017 година.