Најдобриот тенисер во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ, во интервју за американската телевизија „ЦНБЦ“ откри кои му се приоритетите во животот.

Тој вели дека го измачува повредата на рамото, поради што и предвреме се откажа на САД Опен, по што неговото прво место на АТП листата е загрозено.

  • Дали рекордите се поважни од времето што го минувам со семејството? Дали се тие поважни од моето здравје или некои други работи? Не се. Јас сум целосно отворен и 100 отсто искрен за сè, многу зборувам со сопругата за тоа. Со родителите, браќата, луѓето кои ми се блиски, сакам да разберам како гледаат на тоа изјави Ѓоковиќ.

Сепак, неговите деца му се најважни.

  • Јас сум татко на два ангела и времето што го минувам со нив е многу драгоцено. Не сакам да поминувам низ животот и да сфатам дека не сум бил таму, дека сум пропуштил некои од најважните работи додека растат, додаде српскиот тенисер.

Тој исто така одговори и на прашањето дали може да го замисли животот без тенис.

  • Да и не. Можам да замислам бидејќи не се плашам од живот без тенис. Многу други работи, исто така, ме прават среќен, но реков не, затоа што нема да биде живот ист без тенисот. Кога не играм, ќе бидам сè уште активен во спортот. Сакам да имам своја академија, да ги пренесам сите искуства на новите генерации што растат во Србија, заклучи првиот светски рекет.