Мик Шумахер, синот на седумкратниот шампион во Формула 1, имаше голема расправија со својот тимски колега Никита Мазепин по трката за Големата награда на Азербејџан. На последната трка возена во Баку, Шумахер заврши на 13-то место, пред својот тимски колега Никита Мазепин, кој во последните метри од трката за Големата награда на Азербејџан се обиде „да го убие“ Германецот.

За време на трката во Баку, Шумахер се приближи до болидот на неговиот колега од тимот на Хас, додека тие возеа со брзина од 200 километри на час пред да стигнат до целта. Но, бранејќи ја својата 13-та позиција, Мазепин одеднаш сврте надесно за да спречи својот колега да го престигне и за малку ќе го удреше во бетонскиот ѕид.

Шумахер, за кого ова беше шеста трка во Формула 1, реагираше навреме за да спречи кобна несреќа. Додека поминуваше покрај Мазепин, Германецот гневно гестикулираше со десната рака пред да го исфрли гневот на радиоврската додека ја минуваше целта.

  • Што прави по ѓаволите? Искрено, најсериозно, дали тој сака да нè убие?, извикуваше 22-годишниот дебитант на елитното натпреварување.

Шумахер беше во предност пред Мазепин во текот на целата неделна трка во Баку, а единствениот пат кога ја загуби „предноста“ беше на рестартот по несреќата на Макс Верстапен. Директорот на Хас, Гентер Штајнер по трката се обиде да ја смири ситуацијата меѓу неговите двајца возачи.

  • Очигледно, дојде до спорна ситуација на стартно целната рамнина што беше решена и ние ја елиминиравме тензијата. Имаше недоразбирање, но сега сите сме добро и одиме понатаму, истакна Штајнер.

Минатогодишниот шампион во Формула 2, заедно со својот колега, е на дното на табелата во генералниот пласман. Но, имајќи предвид дека тој е возач на академијата на Ферари, би можел да тргне по стапките на неговиот татко доколку се приклучи на славниот италијански тим.

Неговиот татко Михаел Шумахер освои пет врзани титули со Ферари на крајот на минатиот век, но не беше виден во јавноста по катастрофалната несреќа што ја доживеа додека скијаше на француските Алпи во 2013 година.