Што губи југот, а што добива северот од пробивањето на булеварот и тунелите под Кале? 

480

Режисерот Милчо Манчевски го прозва градоначалникот Петре Шилегов дека сака да реализира проект кој е рецидив на план стар повеќе од половина век (1965 г.) и создаден во време кога автомобилот беше крал, а човекот слуга. Смета дека со пробивањето на булеварот и тунелите под Кале, во центарот на градот ќе се слеваат илјадници нови возила кои ќе го загадуваат воздухот. Оние скопјани кои живеат во северниот дел на градот, пак, го одобруваат проектот и сметаат дека на тој начин најбрзо ќе можат да стигнат до центарот на Скопје, Клиничкиот центар, старата Градска болница… Ана Петровска, која е кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на Зелен хуман град вели дека решавањето на сообраќајниот метеж значи подобрување на квалитетот на животот и намалување на загадувањето

 

Тунелите под Кале се уште еден нереализиран проект во 4-годишниот мандат на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Овој проект најавуван од Шилегов како капитален кој ќе го спои северот со југот на градот и кој требаше да почне да се гради оваа година, извиси поради, како што објасни градоначалникот, несреќниот избор на проектантот.

– Го имавме тендерот, го потпишавме договорот со избраниот понудувач, започна проектирањето, не успеа избраниот понудувач да даде квалитетен проект за таа локација, заради тоа Градот го раскина договорот. Општина Центар е во фаза на носење на нов ДУП за тој дел, ќе почекаме да биде донесен, со цел коридорот каде ќе бидат тунелите да го исчистиме од непотребни трошоци, бидејќи, така како што беше поставен ќе имавме 8 милиони евра трошоци за експропријација само за еден хотел – изјави неодамна Шилегов најавувајќи, сепак, дека нема да се откаже од негова реализација.

Скопјани поделени за овој проект. Едни сметаат дека со пробивањето на булевар до зградата на Владата и изградбата на мост на Вардар и на тунелите под Кале, наместо растоварување на сообраќајот кај Мавровка и низ Бит-пазар, што впрочем е и главната причина за реализација на проектот, ќе доведе илјадници нови автомобили во центарот на градот.

– Ги повикувам кандидатите за градоначалник на Скопје да застанат на страната на човекот, а не на автомобилот. Ги повикувам јавно да се откажат од идејата низ центарот на градот да се пробива автопат и да се гради тунел. Намерата да се продолжи булеварот „Климент Охридски“ со мост на Вардар и тунел под Кале ќе доведе илјадници нови коли во центарот на градот. Тоа ќе предизвика дополнително загадување на еден од најзагадените градови во светот, ќе ја зголеми бучавата, дополнително уништување на животот на човекот за сметка на автомобилот. Патем ќе го уништи паркот кај Жабарот и ќе предизвика постојан безбедносен ризик на зградата на Владата – коментира режисерот Милчо Манчевски.

Според него, оваа идеја е рецидив на план стар повеќе од половина век (1965), создаден во време кога автомобилот беше крал, а човекот слуга.

– Сите големи градови денес се коригираат – се одземаат сообраќајни ленти и се прават вистински пешачки зони во центрите на Њујорк, Лондон, Париз, Амстердам… Сите студии и пракси од последните триесетина години ја потврдуваат целисходноста на овој пристап. Спојувањето на северот и југот на Скопје може да се оствари многу поефикасно и далеку поевтино ако се додадат по две ленти на потегот од мостот кај „Александар Палас“ до семафорите кај Качанички пат и ако дополнително се модернизира овој обиколен пат. Со тоа центарот ќе се растовари, а северот и југот на градот ќе бидат поефикасно поврзани. Затоа ги повикувам кандидатите да градат современ град по мерка на човекот, а не на автомобилот – вели Манчевски.

Оние скопјани кои живеат во северниот дел на градот, пак, го одобруваат проектот и сметаат дека на тој начин најбрзо ќе можат да стигнат до центарот на Скопје, Клиничкиот центар, старата Градска болница…

– Живеам во Бутел и за да стигнам до Државна болница морам или да поминам низ Јаја Паша и Бит-пазар, или да кружам по булеварот „Словенија“, Качанички пат, па низ Карпош и Капиштец. Со тоа правам непотребно многу повеќе километри. Пробивањето на булеварот под Кале и проширувањето на булеварот „Македонско Косовска Бригада“ кон Чаир и Шуто Оризари е само уште едно решение за побрз сообраќај од северниот дел кон центарот на градот. Тоа ќе значи големо растоварување на сообраќајот низ Јаја Паша, Бит-пазар и булеварот „Гоце Делчев“. Пробивањето на булеварот не значи зголемување на бројот на возилата што се движат по центарот на Градот оти тој е ист (плус или минус стотина) и не зависи од улиците, туку од потребите на граѓаните – смета Неџат Луѓа.

Ана Петровска, која е кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на Зелен хуман град, вели дека решавањето на сообраќајниот метеж значи подобрување на квалитетот на животот и намалување на загадувањето.

– Сообраќајните решенија мора мултидисциплинарно да ги утврдат врвни стручњаци. За таа цел во тимот на Зелен хуман град постојано се вклучуваат стручни и искусни луѓе што ја препознаваат нашата решеност да донесеме одржливи решенија по мерка на скопјани. Иднината на Скопје зависи од започнатиот Генерален урбанистички план. Во овој план мора да се обезбеди зачувување на зеленилото, ревитализација на запуштени простори и објекти, рационални сообраќајни решенија, конзервација на културното наследство – смета Петровска.

Ќе се враќа дрворедот со липи на булеварот „Св. Климент Охридски“

Ќе се обновува исечениот дрворед на булеварот „Свети Климент Охридски“ на потегот од крстоницата со “Илинденска“, па сè до „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Ова го најавува градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, откако таму нема да поминува трасата за „Бас рапид транзитот“ (БРТ), за која во проектот имаше таква опција.

Дрворедот беше исечен во раните утрински часови на 8 јуни 2011 година за проширување на булеварот со по уште една лента во двете насоки. Медиумите за овој чин известија со наслови: „Скопје – липите сотрени за малку асфалт“, „Курбан липи за старо-нов булевар“, „Нападната уште една зелена оаза“, „Скопјани тагуваат по липите на булеварот Климент Охридски“. Скопјани сечењето на липите во пет часот изутрина го нарекоа масакр и како едно од најгрозоморните злодела.

(С.Бл.)